Постои една столица што ги поврзува најразличните места на планетата, без разлика на континентот, јазикот или културата. Ќе ја најдете во аголот на омиленото кафуле во странство, на терасата од апартман на море, на својот балкон, пред основното училиште или во дворот на соседот... Станува збор за „Моноблок“ – столицата која стана безвременски култен предмет – иако малкумина го знаат нејзиното име.
Направена од едно парче пластика, таа е исклучително издржлива, лесна за чистење и, што е најважно – евтина. Во својот најпрепознатлив облик обично е бела, иако денес се произведува во разни бои.
Иако последниве години Моноблок сè почесто е предмет на критики поради нејзиното влијание врз животната средина, имајќи предвид дека е изработена од пластика, благодарение на пристапната цена и исклучителната долговечност, таа и понатаму останува достапна за сите.
Имено, дури и доколку производството би престанало утре, овие столици би продолжиле да циркулираат уште со децении.
Годината 2017 беше пресвртна за Моноблок. „Vitra Design Museum“ – една од најпознатите светски институции за дизајн – организираше изложба „Моноблок – Столица за целиот свет“, која го следела развојот на оваа сеприсутна столица од нејзините почетоци во средината на 20. век, кога се барало пристапен, и лесно реплициран мебел, па сè до нејзиниот статус на глобален феномен во дизајнот.
Идејата за столица од едно парче пластика датира уште од 1960-тите години, кога дизајнерите почнале да експериментираат со нови материјали и техники на производство. Меѓу пионерите бил данскиот дизајнер Вернер Пантон, кој во 1960 ја создал Пантоновата столица – првата столица изработена од едно парче пластика. Меѓутоа, материјалот од кој беше направена – полиестер зајакнат со стаклени влакна – бил скап, па производот останал наменет за високото пазариште.
Потоа следи Бофингер столицата (1964–1966) на германскиот архитект Хелмут Бецнер, првата што била излеана со инјекциско лиење од едно парче пластика, и Селене столицата (1961–1968) на италијанскиот дизајнер Вико Маџистрети, изработена од пластика зајакната со стаклени влакна. Двете ја најавиле идејата за лесно преносливи и сложливи пластични столици.
Пресвртница донесува францускиот инженер Анри Масоне во 1972 година, основач на компанијата „Stamp“, кога ја создава „Fauteuil 300“. Со усовршувањето на технологијата на лиење и со намалување на времето на производство на помалку од две минути по столица, Масоне го направил производот достапен за масите и го отворил патот за неговиот експлозивен успех.
Од 1980-тите па натаму, Моноблок станува секаде присутна, најмногу благодарение на француската фирма „Grosfillex“, која ја пласирала „Resin Garden Chair“ – првиот модел по толку ниска цена што навистина станал масовно достапен, погоден за користење на отворено. Со текот на годините, дизајнот го копирале и го приспособиле бројни фабрики. Иако постојат мали естетски разлики, основниот процес на производство останал ист.
Сè започнува со парче полипропилен кое се загрева на 220°C и се вбризгува во калап што ѝ го дава на столицата нејзиниот препознатлив изглед: со интегрирани потпирачи за раце, благо закривен наслон и перфорирано седиште за поголема ергономија. Потоа пластиката се екструдира, а целата столица излегува од машината за само 70 секунди.
Овој ултра-брз процес ја прави Моноблок исклучително евтина – просечната малопродажна цена изнесува околу осум евра.
Во 2022 година, документарниот филм на Хауке Вендлер „Моноблок“, награден со престижната награда „'Grimme', го истражувал присуството на столицата ширум светот и нејзиното влијание врз животите на милијарди луѓе. Од раздвижените пазари во Мумбај до училишните дворови во Африка, од европските тераси до тропските плажи – Моноблок е насекаде.
Филмот ги води гледачите на патување низ пет континенти, собирајќи сведоштва од оние што ја произведуваат и користат столицата. Во Индија, Моноблок е неизоставен дел од свадби и јавни прослави; во Уганда, од неа се изработуваат импровизирани инвалидски колички, кои за првпат им овозможуваат мобилност на милиони луѓе.
Столицата се појавува и во популарната култура – во комедиите на браќата Ванчина, во серијата „Narcos“, како и во современата уметност, каде добива ново симболично значење. За време на Венецијанското биенале во 2024 година, рускиот уметник Курил Чтоа ја претвори Моноблок во концептуално уметничко дело. За Чтоа, оваа столица го симболизира човечкото поврзување и великодушноста со која се среќава на своите патувања. Еден едноставен, насекаде достапен предмет станува средство за истражување на значењето на „домот“ од перспектива на странец.
Неодамна, Моноблок повторно доспеа во фокусот на јавноста кога во дупла верзија се појави на насловната страница на најновиот албум на порториканската поп ѕвезда Bad Bunny – „Debí Tirar Más Fotos“ – глобален хит кој најдемократската столица на светот ја претвори во икона на поп културата.