Министерство за здравство: Итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите дека се правеле непотребни операции за профит

Макфакс

20/08/2025

15:06

1.562

Големина на фонт

а а а

Министерството за здравство најави итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите што излегоа во јавноста дека се правеле операции за профит.

„Врз основа на информациите што се споделени во јавноста, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на тврдењата, како и спроведување итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика. Дополнително, министерот Азир Алиу веќе најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот ‘Мој термин’, само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства“, велат од Министерството откога во јавноста се појавија сериозни тврдења за можни непотребни медицински интервенции.

Од Министерството велат дека во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена и почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите.


„Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрено да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење – тоа е дел од добрата медицинска практика“, велат од Министерството.

Од таму истакнуваат дека здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без изденачување на поединечни случаи со целиот систем.

„Секако дека секој има право на свое мислење, а особено ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави што водат до генерализации и сензационализам“, велат од Министерството.

Ваквата реакција од Здравство доаѓа откога неколку медиуми пренесоа изјава на кардиологот Сашко Кедев дека се прават непотребни хируршки интервенции врз пациенти, чија цел е профитот.