Минатата година во Германија биле украдени над 14.000 автомобили, а вкупната штета надминала 293 милиони евра.
Податоците од најновите статистики на Германското здружение на обезбедувачи покажува дека бројот на кражби е намален за три проценти во однос на 2023 година, но ризикот останува висок, со просек од речиси 40 возила кои дневно исчезнуваат од улиците и паркинзите.
Најчеста мета не се евтините градски автомобили, туку теренците и моделите од премиум класите. „Toyota“ е особено на удар: дури четири нејзини модели биле меѓу десетте најчесто крадени автомобили.
Најопасна е ситуацијата на сопствениците на „Land Cruiser“, а исто така и „Lexus“ е високо на листата.
Од останатите автомобили кои често се на мета на крадците се „Kia Stinger“, „Audi Q7“, „Hyundai Santa Fe“…
Регионалните разлики исто така се огромни. Берлин и натаму е озлогласена престолнина на кражбите, со речиси 3.900 исчезнати автомобили односно повеќе од еден од четири случаи во Германија. Возачите таму живеат со ризик од дури 39 кражби на 10.000 осигурани возила, а тоа е многу повисок ризик од останатите сојузни држави.
Децении откако масовните крадци ја исполниле статистиката со возила како „Golf“ и „Passat“, статистиката на кражби јасно ги покажува промените на трендовите. Денес на мета се најпосакуваните теренци и хибриди.