Педро Мигуел Паулета е еден од напаѓачите кој остави трага во португалската репрезентација, ас кој беше дел од националниот тим во периодот од 1997 до 2006 година, период во кој Португалците немаа толку ѕвезди и квалитетни играчи на сите позиции.
Паулета беше еден од оние кој знаеше да направи разлика, да постигне погодок, а пак кога е во прашање клупската сцена тој најмногу е запаметен по настапите во Франција за Бордо и ПСЖ, шампионат каде трипати беше прв стрелец, плус со двата клуба освои неколку куп трофеи.
Денеска Педро не е толку актуелен и во фокусот, но дефинитивно е човек кој одлично го познава фудбалот и како таков издвои еден играч на ПСЖ кого го спореди со Андрес Иниеста-тоа е Витиња.
-Огромно задоволство е да се гледаат играчи со ваков квалитет. Дали тој е најдобриот играч од средниот ред во светот? Тој е на топ ниво, како Педри во Барса. Ме потсетуваат на Иниеста. Витиња, тој не ја губи топката, секогаш е добро позициониран. Знае како да направи сè со топката. Не прави грешка и не греши при додавање. Има доверба од неговиот клуб. Тој е феномен, -порача Паулета.






