„Ренџ Роверот“ на Шекил О’Нил, вреден 165.000 долари, кој бил специјално дизајниран за кошаркарската легенда висока 216 сантиметри да може удобно да седи зад воланот, исчезнал пренесе „Пејџ Сикс“.
Извори веруваат дека кражбата е предизвикана од хакерски напад врз транспортната компанија што била одговорна за транспорт на возилото. Компанијата што работела на приспособување на автомобилот сега нуди награда за каква било информација што ќе доведе до негово пронаоѓање.

Сосема новиот автомобил бил во процес на приспособување во „Ефортлес моторс“, а се очекувало вредноста на возилото да се зголеми на околу 257.000 евра по завршувањето на работата.
Компанијата го организирала превозот на автомобилот од Атланта до Луизијана. Возилото било преземено во понеделник, 20 октомври, но никогаш не пристигнало на својата дестинација. Кога „Ефортлес моторс“ го контактирале превозникот за да ја проверат состојбата на пратката, дознале дека автомобилот исчезнал на патот.
Се верува дека крадците ги хакирале системите на транспортната компанија за да добијат пристап до податоците за подигнување и испорака. Тие ги користеле тие информации за да ја пресретнат пратката и да го пренасочат автомобилот на Шекил во непозната насока. „Ефортлес Моторс“ соопшти дека нуди награда од 8.500 евра за информации или враќање на возилото.

О’Нил соработува со полицијата во потрагата по неговиот црн, направен по нарачка теренец. Тој е познат како страстен љубител на автомобили, а неговата колекција се проценува на 3,5 милиони евра. Вклучува модели како што се „Ferrari 355 F1 Spider“, „Bentley Azure“, „Lamborghini Gallardo“ и „Vaydor“ од 2018 година, а многумина биле специјално адаптирани за неговата висина.
Познатиот кошаркар еднаш рече дека поседува 40 автомобили, додавајќи: „Не знам зошто“. Полицијата сè уште не ја коментриала кражбата.