Поп-иконата Ријана (37) претрпе огромна финансиска загуба по неуспешниот моден проект со луксузниот бренд „Луи Витон“.
Според извештаите од нејзината британска компанија „Denim UK Holdings“, пејачката изгубила дури 36 милиони долари поради неуспехот на нејзината модна линија „Фенти“, лансирана во 2019 година, објавува „Дејли мејл“.
Ријана, која сега има 37 години, го лансираше „Фенти“ во соработка со францускиот моден гигант LVMH, но проектот беше прекинат во 2021 година – наводно поради пандемијата и ограничувањата за патување што ја спречија лично да ја надгледува работата на ателјеата во Париз и италијанските модни куќи.
Кога проектот беше лансиран, беше откриено дека Ријана инвестирала речиси 30 милиони евра, додека LVMH инвестирале слична сума. Компанијата што го управуваше брендот се викаше „Project Loud France“, во чест на петтиот албум на Ријана „Loud“.
И покрај личното богатство проценето на 1,4 милијарди долари, Ријана поседуваше 49,99 отсто од акциите преку нејзината британска компанија. Сепак, во 2021 година, таа и LVMH донесоа заедничка одлука да го затворат модниот дел од бизнисот и да го префрлат фокусот на поуспешни сегменти – козметика и долна облека.
„LVMH и Ријана ја потврдуваат својата заедничка амбиција да се фокусираат на долгорочен развој на екосистемот Фенти, со акцент на козметика, нега на кожа и долна облека“, се вели во нивното соопштение.
„Фенти“ требаше да биде природно продолжение на успехот на линијата „Фенти Бјути“, но високите цени, како што се 1.000 долари за јакна или 810 долари за фустан, не привлекоа поширока публика. Линијата беше ориентирана кон пазарот на луксузни производи, додека „Фенти Бјути“ и „Саваџ Икс Фенти“ беа многу попристапни.
И покрај нејзиниот неуспех во луксузниот сегмент, Ријана останува една од најуспешните претприемачи во светот на забавата. Во 2022 година, таа стана најмладата самостојна американска милијардерка, надминувајќи ја Ким Кардашијан.
Таа има продадено повеќе од 250 милиони албуми низ целиот свет, соработувала со модни куќи како што се Армани, Диор и Пума, а во 2017 година привремено ја паузирала својата музичка кариера за да се посвети на својата бизнис империја.
Денес, освен што води успешни брендови, Ријана ужива и во семејниот живот.
Неодамна, заедно со раперот АСАП Роки, го дочека своето трето дете — ќерката Роки Ајриш Маерс, покрај синовите РЗА(3) и Риот (2).