Германскиот автомобилски гигант „Mercedes-Benz“ ја претстави импресивната скулптура „THE BOULDER“, со која дава прв увид во дизајнот на новата генерација на популарниот модел „Sprinter“.
Скулптурата, со димензии 650 × 275 × 250 сантиметри, е изрезбарена од еден единствен блок материјал и симболично го најавува уникатниот надворешен изглед на идниот модел.

Најавата – уметност во камен
Германците уште еднаш ја поместуваат границата кога станува збор за начинот на претставување на нови модели.
Овојпат, наместо класична премиера, тие избраа масивен камен блок за да го прикажат новиот „Sprinter“.
„Како изумители на лесните комерцијални возила, речиси 130 години го вложуваме целото наше знаење и искуство во служба на професионалните клиенти“, изјави Томас Клајн, директор на "Mercedes-Benz Vans".

Дигиталната иднина на комби-сегментот
Идните комбија на „Mercedes-Benz“ ќе бидат подигнати на сосема нов дигитален степен.
Тие ќе користат оперативен систем "MB. OS", кој овозможува ажурирања преку интернет и беспрекорна интеграција на апликации од трети страни.
„Нашите идни возила ќе се фокусираат на иновативни погони, поврзаност и напредни дигитални услуги. Функционалноста и потребите на купувачите се во сржта на нашиот развој“, нагласи Андреас Циган, раководител на развојот во Mercedes-Benz Vans.

Три децении легенда на патиштата
Приказната за успехот на комерцијалните возила на "Mercedes-Benz' започнала уште во 1896 година, кога Карл Бенц го измислил првиот моторизиран транспортер.
Во 2024 година, моделот „Sprinter“ слави 30 години постоење – три децении во кои се произведени повеќе од пет милиони примероци во различни верзии и конфигурации.
Со оваа камена уметничка скулптура, „Mercedes-Benz“ јасно порача дека новиот "Sprinter" ќе биде создаден да трае – буквално и симболично, „врежан во камен“.









