Секој автомобил веднаш губи дел од својата вредност штом ќе излезе од салон, но нова анализа открива кога се случува првиот голем пад на цената.
На вредноста на возилото влијаат бројни фактори – од состојбата и редовното одржување, до староста и бројот на изминати километри.
Според истражувањето на онлајн платформата „Carwow“, токму километражата е еден од најважните показатели кога е вистинското време за продажба или замена на автомобилот.

Кога автомобилот првпат значително ја губи вредноста
Анализата на податоците за половни автомобили продадени меѓу 2022 и 2024 година покажала дека вредноста нагло паѓа веќе по 15.000 изминати километри.
Во тој момент, цената се намалува во просек за дури 22%.
Следниот голем пад се случува по 30.000 километри, кога автомобилот губи дополнителни 24% од својата вредност.
На подолг рок, кога таблата ќе покаже 100.000 километри, автомобилот во просек вреди и до 64% помалку отколку кога бил нов.

По 150.000 километри – уште еден сериозен пад
Истражувањето покажува дека следниот значаен пад од околу 19% настапува кога автомобилот ќе ја надмине границата од 150.000 километри.
Експертите советуваат сопствениците внимателно да ја следат километражата и да ја испланираат продажбата пред возилото да ги достигне овие клучни точки.
„Нашите податоци покажуваат колку е важно внимателно следење на километражата. Сопствениците кои сакаат да го продадат својот автомобил мораат да реагираат брзо, бидејќи одложувањето може да доведе до значителен пад на вредноста – особено кога автомобилот ќе ја надмине границата од 15.000 километри“, објаснува Иан Рид од компанијата „Carwow“.
Тој додава дека, иако постојат многу фактори кои влијаат врз цената – километражата останува најпресудниот, без разлика на моделот или марката на возилото.









