Германскиот центар за технички прегледи „TÜV“ потврди дека автомобилот е безбеден за брзини до 100 km/h, но Траугот Грундман признава дека „работите стануваат малку незгодни“ над 80 km/h.
Од еден од првите прототипови на култниот „Volkswagen“ автомобил, останала само шасијата. Германскиот колекционер поминал осум години обновувајќи ја во оригинална, возна состојба.
Се смета дека Бубата на Траугот Грундман е најстарата во светот и може да се види во неговиот дом во Хесиш Олдендорф.
Сопственикот редовно ја вози оваа мала машина со мотор од само 23 коњски сили, со воздушно ладење и мотор сместен одзади.
„Ова е возење во најчистата форма – враќање кон основите", вели Грундман. „И многу е гласна", додава низ смеа.

Преживеано подвозје од Втората светска војна
„TÜV“ потврдил дека автомобилот е безбеден до 100 km/h, но внатрешноста е многу тесна.
„Луѓето порано биле помали", вели ентузијастот, објаснувајќи дека секој повисок од 180 сантиметри ќе има тешкотии да ги исправи нозете под воланот.
Автомобилот е изработен во 1937 година како „Volkswagen W30“, не во фабрика, туку во инженерската канцеларија на „Porsche“, со поддршка од „Mercedes“.
По трите таканаречени V-модела, кои денес не постојат, ова била првата серија прототипови, односно „генерална проба“ за подоцнежната VW Буба.
„Тие 30 тест-возила ги изработи Фердинанд Порше за обемно патно тестирање и се сметаат за директни претходници на подоцнежната VW Буба", се наведува во соопштението на „TÜV Nord“.

За време на Втората светска војна, повеќето прототипови биле уништени – како што покажуваат фотографиите што Грундман ги поседува.
„Материјалот тогаш бил потребен за нешто друго", објаснува тој.
Сепак, подвозјето со број 26 чудесно преживеало, иако дотогаш имало поминато околу 56.000 километри.
Според „TÜV“, кој ја потврдил автентичноста на бројот 26, нема докази за постоење на други сочувани рамки или каросерии.
Затоа денес, повторно составениот автомобил се смета за најстарата Буба на светот.

Од Гмунд до Хесиш Олдендорф
Подвозјето број 26, според Грундман, било повторно откриено во 1970-тите години во Гмунд (Австрија), каде се наоѓало под друго возило – т.н. „Kübelwagen“, воена верзија на Буба.
Патувајќи низ рацете на различни колекционери, тој дел конечно стигнал до еден љубител на олдтајмери во Австрија, а во 2003 година – во раце на Траугот Грундман.
Во Хесиш Олдендорф, шасијата првично само стоела потпрена на ѕидот, се сеќава тој.
„Не бев сигурен дали воопшто да започнам со обновата,“ признава.
Но по успешната реставрација на друга, подобро сочувана Буба од 1938 година, решил да се зафати со проектот.
Прво го обновил долниот дел на возилото, а потоа сè тргнало напред.
Денес, W30 стои, заедно со Бубата од 1938 година, во специјално уредена просторија во склоп на приватната колекција на Грундман, која содржи бројни VW модели, како и бар во стилот на 1950-тите.

Осумгодишна реставрација и книга за проектот
За обновата на W30 е напишана и книга, со бројни фотографии и оригинални документи, изложена во дрвена гаража покрај автомобилот.
Грундман, по професија покривач на кровови и поранешен воен летачки инструктор, работел осум години на возилото.
„Кај Бубата, речиси сè може да се направи со свои раце,“ вели тој.
Каросеријата била изградена одново, со помош на специјализирана компанија.
Основа бил цртеж во природна големина што го изработил тогашниот дизајнер на „Audi“, а денешен главен дизајнер на „Volkswagen“, Андреас Миндт, врз основа на фотографиите и оригиналното подвозје.
„Оригиналните технички нацрти не постоеја", објаснува Грундман.
Во обновата учествувале многу луѓе – барале делови низ целиот свет.
Фарови, рачки, бришачи и други делови карактеристични за тоа време ги пронашле кај продавници за олдтајмер делови и колекционери во Велика Британија, Франција и Полска.
Многу делови не биле специјално создадени за овој прототип, туку биле преземени од други производители.

Регистрација и возење
Дури и за експертот за олдтајмери Томас Руш од „TÜV“, работата на овој автомобил била посебно искуство.
Бидејќи автомобилот е произведен пред да стапи во сила германскиот правилник за одобрување на возила (1938), регистрацијата била вистински предизвик.
Најважно било да се докаже дека е технички исправен и безбеден за сообраќај.
За одредени правила биле одобрени исклучоци, и на крај сообраќајната служба го прифатила W30 без забелешки.
Грундман со малото, сиво обоено возило не вози долги релации и избегнува дожд.
Но кога се одржуваат средби на љубители на Буби или олдтајмери, тој влегува во автомобилот, се наведнува – и најстарата Буба повторно тргнува на пат.










