Секоја година меѓу 350.000 и 450.000 возила во Франција добиваат привремени регистарски таблички кои важат најмногу четири месеци.
На почетокот на наредната година, француските возачи ќе добијат нови розови регистарски таблички кои ќе ги заменат досегашните бели ознаки за новите и увезени автомобили.

Промената која ја најавило француското Министерство за внатрешни работи, е дел од напорите на државата да ги сузбијат честите измами со привремените регистрации.
Имено, многу од возачите продолжуваат да возат со истечени таблички, со што избегнуваат даноци и обврски за регистрација, а таквите возила практично се „невидливи“ за системот за контрола.
Розовите таблички кои ниту една друга земја моментално не ги користи ќе бидат воведени во првото тримесечје од 2026 година.
На нив јасно ќе биде испечатен датумот на истекување на важноста (месецот и годината) што ќе ѝ овозможи на полицијата и автоматските камери веднаш да го препознаат возилото кое повеќе не е легално на патот.

Според податоците на францускиот портал „Connexion France“, секоја година околу 400.000 возила добиваат привремени ознаки, а злоупотребите се во пораст особено во случај на продажба на возилата со истечени таблички или користење на истите подолго од дозволениот рок.
Француските власти веруваат дека новата боја и појасното обележување значајно ќе го намалат просторот за манипулација и ќе ја олеснат контролата на патиштата.