Еден од најдобрите фудбалери на својата генерација, Јари Литманен (54), настапи на два натпревара во четвртиот ранг на естонскиот фудбал, играјќи за третата екипа на клубот Калев.
Литманен со Естонија го поврзува неговата сопруга, а за овој клуб се одлучил бидејќи таму играат и неговите два сина.
„Тоа беше момент што се случува еднаш во животот. Имав прилика да заиграм со моите два сина на официјален натпревар. Тоа сигурно беше мојот последен сон како фудбалер. Благодарам на тренерот и на играчите – со вас сето ова стана возможно“, објави финската фудбалска легенда на Инстаграм.
Литманен на првиот натпревар одиграл само четири минути, но на вториот веќе добил половина час на теренот.
🇪🇪🇫🇮 || 54 year old Jari Litmanen made his debut for Tallinna Kalev Junnior at the start of the month and has played 2 games total.
— 🇪🇪 Estonian Football Podcast 🇪🇪 (@EstonianFBP) October 26, 2025
The Finnish legend even got to be on the pitch with his 2 sons vs Zapoos
Estonian football at its finest 😅🇪🇪 pic.twitter.com/FySTHWDGCF
Инаку, за репрезентацијата на Финска настапил 137 пати, но најдлабока трага остави во Ајакс за кој играше од 1992 до 1999 година. Во 228 настапи постигна 129 голови, а врвот на својата кариера го доживеа во 1995 година, кога по освојувањето на Лигата на шампионите заврши трет во изборот за Златна топка.
Подоцна играше и за Барселона и Ливерпул, додека професионалната кариера ја заврши во Хелсинки во 2011 година, на 40-годишна возраст.


