„Не можеш денес да бидеш феминистка, а утре принцеза која бара заштита“: Интервјуто на српскиот актер предизвика бура, жени го обвинуваат за сексизам

Точка

03/11/2025

12:00

3.722

Големина на фонт

а а а

Интервјуто на Милош Биковиќ предизвика вистинска бура на социјалните мрежи во Русија. Жените го критикуваат актерот, обвинувајќи го за сексизам.

Неодамнешното интервју на Милош Биковиќ, кое го дал за руските медиуми, предизвика вистинска бура. 37-годишниот српски актер, познат по своите филозофски размислувања за животот и врските, се најде во центарот на контроверзии – овојпат поради своите мисли за ослободувањето на жените.

За време на интервјуто, Биковиќ дискутирал за современите контрадикции во очекувањата на жените – од себе и од мажите. Според него, општеството создало збунувачки модел на женска независност, каде жените се принудени да бидат истовремено и „слободни“ и „совршени“.

Тој забележал дека слободата често ја прикрива преоптовареноста – жените се принудени да работат, да се грижат за себе, да бидат општествено активни и да се грижат за децата и домот. Сето тоа со одржување на привид на леснотија. Објаснил дека оваа ситуација создава внатрешен конфликт, бидејќи од жените се бара да бидат независни, а сепак да ја задржат својата женственост.


„Таа работи од утро до мрак, зборувајќи: ‘Нема да ми наредуваш!’. Но од друга страна, дел од неа вели: ‘Како сакам кога тој знае што сака’. И таа е во таква шизофрена состојба, мислејќи дека е слободна. Но тоа не е слобода“, изјави Милош, објаснувајќи како тој ја гледа сега женската самостојност.

Биковиќ додал дека не е против рамноправни врски, но верува дека е важно женската природа и нејзината реална улога да бидат усогласени. Објаснил дека многу жени се заробени во двојни стандарди, обидувајќи се истовремено да бидат и лидерки и домаќинки. Актерот нагласи дека жената може да преговара за форматот на врската со мажот, но стандардите треба да важат за сите.

„Не можете денес да бидете феминистка, а утре принцеза на која ѝ е потребна заштита“, објаснил Биковиќ.

Оваа фраза особено го привлече интересот на јавноста – веќе се цитира широко на интернет, со различни толкувања. Многу корисници не се согласиле со ставот на актерот, тврдејќи дека таквото резонирање само ги засилува стереотипите.

Новинарката која го водела интервјуто го брани актерот, тврдејќи дека суштината на неговите зборови се сведува на фактот дека жената никому ништо не должи. Според нејзините зборови, Биковиќ само го повикал општеството да престане да меша концепти и да бара рамнотежа помеѓу слободата и природните улоги.

Руската активистка и коментаторка на социјални протести, Марија Погребњак, истакнува дека е интересно да се гледа како мажите зборуваат за слободата на жените. Додала дека Биковиќ е во право само во едно: навистина, многу жени мораат да избираат помеѓу сила и ранливост.


„Секако, повеќето жени сакаат да бидат принцези, но каде можете да најдете доволно витези кои ќе штитат, ќе бранат и ќе донесат плен дома за својата љубов? За жал, поради однесувањето на мажите, нивната неспособност да преземат одговорност и желбата да доминираат, жените се принудени да бидат силни. Тие мора да можат да запрaт галопирачки коњ и да влезат во запалена колиба ако е потребно“, вели таа.

Социјалните мрежи во Русија се разгореа, додека жените се вклучувале со свои коментари:

„Витезите се некаде изгубени!“, „Девојки, морате да се потпрете само на себе!“, „Жените се силни затоа што мажите се слаби“, „Ние не избравме независност – животот нè натера“, „Кога мажите би презеле одговорност, никоја не би сакала да биде феминистка“, „Никој не ја укина потребата да биде сакан, само што не секој има поддршка од некого покрај себе“, „Убаво е да се биде принцеза, но кој тогаш ќе те спаси?“.