Дубаи последниве години стана една од најпопуларните туристички дестинации во светот, која годишно ја посетуваат повеќе од 15 милиони туристи. Иако градот е познат по луксузот, модерните облакодери и отвореноста кон западниот стил на живот, постојат строги правила и закони што секој посетител мора да ги знае, бидејќи нивното непочитување може да заврши и со затворска казна.
На тоа предупреди и Британката Џанел Сијара, која неодамна се преселила во Дубаи и на својот „TikTok“ профил „janelleciara1“ сподели список со правила кои, како што вели, „би ги шокирале Британците до бесвест.“
Првично планирала да остане само еден месец, но сега потпишала тримесечен договор за стан и средува виза. Откако се преселила, открила низа закони кои мора строго да се почитуваат, меѓу кои и едно „злосторство“ што, како тврди, Европјаните го прават секоја недела, а во Дубаи може да доведе до затвор.
Јавно изразување нежност – строго забрането
Џанел предупреди дека бакнување и држење за рака во јавност се сметаат за тешко прекршување.
„Поради тоа може да западнете во сериозни неволји", изјави таа во видеото.
Дека не станува збор за шега, сведочи случајот од 2010 година, кога британски пар беше уапсен во ресторан поради бакнеж. Иако тврделе дека се работи за бакнеж во образ, парот ја изгуби жалбата, бил осуден на еден месец затвор и на крајот депортиран.
@janelleciara1 My ‘law’ series is back - did you know about these laws? #dubai #dubaitiktok #dubailaw ♬ original sound - Janelle Ciara | Solo Travel
Скромно облекување
Иако не постои официјален кодекс на облекување, во Дубаи се вреднува и препорачува скромност, особено на јавни места. Ова, се разбира, не важи за приватни простори како хотелски соби.
„Не смеете да бидете голи на јавни места, и се советува да се покриете и облекувате пристојно. Ако ја напуштате плажата, задолжително облечете се", им порачала Џанел на своите следбеници.
Алкохолот – дозволен, но под строги услови
Консумирањето алкохол повеќе не е кривично дело и не бара посебна дозвола, но постојат јасни правила.
„Пиењето или опивањето не е дозволено на јавни места. Може да пиете само во лиценцирани објекти – барови, ресторани и хотели", објасни Џанел, додавајќи:
„Ако сте пијани во јавност, може да бидете казнети, па дури и уапсени.“

Истополни врски – строго казниви
Обединетите Арапски Емирати се една од повеќе од 60 земји во светот каде што хомосексуалноста е криминализирана.
„Казните за истополни врски можат да бидат депортација или затвор", предупредува Џанел.
Познат е случајот на туристот Џејми Харон, кој во 2017 година беше уапсен во бар во Дубаи откако допрел маж за колкот. Властите му го одзеле пасошот, а на правни трошоци потрошил богатство. Иако тврдел дека се работи за „културно недоразбирање“, сепак бил осуден на три месеци затвор, иако бил пуштен по само 24 часа.
Псовки и непристојни гестови
Додека во Европа псовките се нешто секојдневно, во Дубаи вулгарниот јазик и непристојните гестови се сериозен прекршок – дури и кога се користат на социјалните мрежи.
„Некои луѓе беа навистина казнети дури и за споделување навредливи пораки или псовки преку „WhatsApp“, „Facebook“ и други социјални платформи", истакна Џанел.
@janelleciara1 Not your average Dubai content #dubai #dubaitiktok #dubaiparks #albarshapond ♬ Reflection on Peace - Adauto Assis
Поделени реакции
Нејзиното видео стана вирално, собра повеќе од 2,6 милиони прегледи, а реакциите во коментарите беа поделени.
„Воопшто не ме интересира да одам во Дубаи, звучи ужасно", напиша една личност.
Друга се согласи: „Јас ли сум единствената што мисли дека Дубаи е преценет и нема желба да оди таму?“
Сепак, имаше и такви што ги поддржаа строгите правила:
„Искрено, сите тие закони ја прават земјата подобро место. Подобро тоа, отколку хаосот што го имаме кај нас", напиша една коментаторка.
„Ако тоа се нивните закони, нашата обврска е само да ги почитуваме додека сме таму — или да одиме некаде каде што правилата се во склад со нашите ставови", додаде друг.














