Иако фудбалот е единствениот спорт што се игра на секој агол од планетата, постои држава во која не постои фудбалска лига – и тоа една од петте најголеми во светот според бројот на жители.
Станува збор, се разбира, за Пакистан. Држава со повеќе од 240 милиони жители, која е петта најнаселена земја во светот — по Кина, Индија, Соединетите Американски Држави и Индонезија — нема своја фудбалска лига.
Хаосот што со децении владее во Фудбалската федерација на Пакистан предизвика ситуација во која, иако фудбалот таму се сака и следи, не постои национален шампионат. Лигата која некогаш постоела е суспендирана во 2019 година.
Причината лежи во постојаните административни превирања, финансиската нестабилност на клубовите и проблемите со лиценците на тимовите кои би требало да учествуваат. Всушност, клучниот и основен проблем, од кој произлегува сè, е тоа што во Фудбалската федерација на Пакистан постојат две раководни фракции кои со децении се борат за контрола над федерацијата.
Во меѓувреме, Пакистан има активна фудбалска репрезентација, но нејзините резултати се вистински одраз на недостатокот од национално првенство.
Единствено какво-такво натпреварување во земјата е Националниот куп, во кој учествуваат клубови од кои се бираат репрезентативци на оваа азиска држава.
Пакистанската лига остана неактивна од 2019 година, иако беше формирана во 2004. Во тој период, титули освоиле „Khan Research Laboratories“ (пет пати), „WAPDA“ (четири пати), „Pakistan Army“ (два пати) и „K-Electric“ (еднаш).
Лигата првпат била суспендирана во 2015 година и останала неактивна до 2018. Следната сезона ја организирале две различни федерации, но ФИФА и АФЦ (Азиска фудбалска конфедерација) не ја признале.
Расколот настанал затоа што лигата ја формирале две личности: едната ја организирал Фејсал Салех Хаџат, претседател на Фудбалската федерација на Пакистан кој бил признаен од ФИФА, а другата Ашфак Хусеин Шах, кој не бил признаен и формирал паралелна фудбалска федерација.
Во 2021 година, Хусеин Шах со својата паралелна група и федерација создал нова лига, но ФИФА веднаш ја суспендирала. Поголемиот дел од клубовите потоа биле распуштени.
Последниве месеци активно се работи на формирање ново натпреварување за Пакистан конечно да добие своја лига од следната сезона.
ФИФА формираше Комитет за нормализација — нешто што веќе се случувало и во Босна и Херцеговина — со цел да се воспостави краткорочна лига и стабилно управување.
Сепак, без стабилна фудбалска федерација, невозможно е континуирано организирање на професионална лига, па сè засега останува само на предлог. ФИФА ќе се обиде преку проверениот рецепт — Комитетот за нормализација — да го нормализира фудбалот во Пакистан, но пред неа стои долга работа.