Кон крајот на септември, владата на Холандија прибегна кон вонредни мерки од времето на Студената војна за да ја преземе контролата врз кинеската компанија за производство на чипови „Nexperia“, која работи на територијата на земјата.
Овој потег предизвика ланец на настани што одекна низ светската автомобилска индустрија, која веќе беше погодена од американските царини и кинеските ограничувања за извоз на ретки метали, пренесува "BBC".
Во изјава пред парламентот, холандската министерка за економија наведе дека „во ’Nexperia‘ се утврдени сериозни проблеми во управувањето и постапки кои претставуваат ризик“.
„Мерката е крајно исклучителна и има цел да го заштити континуитетот на снабдувањето и критичните технологии од значење за холандската и европската економија“, се наведува во соопштението.

Судир меѓу Холандија и Кина
Пекинг реагираше бурно, обвинувајќи ја Холандија за политичко мешање. Како одговор, кинеските власти воведоа извозни контроли и ја прекинаа испораката на чипови од „Nexperia“ од Кина кон Европа, додека Хаг блокираше пратки со клучни суровини неопходни за нивно производство во Кина.
Ова нарушување на ланците на снабдување покажа колку е ранлив глобалниот систем за производство на полупроводници, кои се од суштинско значење за автомобилската индустрија, и отвори ново поглавје во технолошкото натпреварување меѓу САД и Кина.
Кинеската влада подоцна дозволи извоз на чипови за „цивилна употреба“, но не објасни што точно се подразбира под тој поим. Исто така, Пекинг и натаму бара од Холандија да ја поништи својата одлука за преземање на ’Nexperia‘.
„Кина ги поздравува напорите на Европската унија да го искористи својот влијателен глас и да ја поттикне Холандија што поскоро да ги исправи своите погрешни постапки“, соопшти кинеското Министерство за трговија.
Ланците на снабдување како оружје
Во центарот на спорот се наоѓа клучен дел од глобалниот систем за чипови.
„Nexperia“ произведува таканаречени „legacy“ или „основни“ полупроводници, кои се неопходни за функционирање на сè — од сервоуправувачи и воздушни перничиња до системи за централно заклучување.
Иако не се технолошки најнапредни, овие чипови остануваат незаменливи.
Еден автомобил може да содржи стотици вакви чипови, а „Nexperia“ ги снабдува најголемите производители на возила во светот.
Околу 70 до 80 проценти од нивното производство се праќа во Кина за понатамошна обработка, тестирање и пакување — зависност што ја прави автомобилската индустрија крајно ранлива на кинеска контрола.
„Производителите кои сега се изненадени од ситуацијата со ’Nexperia‘ треба да најдат нови менаџери за ланците на снабдување — очигледно ништо не научиле од ’Covid’-кризата и прекумерната зависност од кинеските добавувачи“, изјави аналитичарот Бил Бишоп во билтенот "Sinocism".
Тој додава дека ова ја покажува способноста на Кина да ги ’задуши‘ глобалните ланци на снабдување, исто како што тоа го правеше и со извозот на ретки метали.

„Кина може да го држи Западот како заложник“
Според Бил Ечиксон од Центарот за анализа на европската политика, Кина сега може „да го држи Западот како заложник“, дури и преку компании како „Nexperia“, кои на прв поглед не изгледаат стратешки значајни — но се.
„Ова прашање не е само за полупроводници, туку и за дигитален суверенитет“, истакнува тој.
Сепак, Пекинг сега се соочува со сопствена дилема.
Додека се претставува како сигурен трговски партнер во однос на хаосот што го предизвика поранешниот американски претседател Доналд Трамп, прекинот на испораките ја поткопува таа слика.
„Откако Трамп ги наруши глобалните односи, се мислеше дека постои шанса Кина и ЕУ да се зближат“, вели Том Нанлист од "Trivium China".
„Но, кризата со ретките метали покажа колку е Европа заробена помеѓу САД и Кина.“
Со преземањето на „Nexperia“, холандскиот суд го суспендираше поранешниот извршен директор Џанг Сјуежен, основач на "Wingtech", поради лошо управување.
Американски притисок врз Холандија?
"Wingtech" е делумно во државна сопственост на Кина, котира на берзата во Шангај и во 2024 година беше ставен на американската „црна листа“ на компании што претставуваат безбедносен ризик.
Во септември 2025 година, списокот беше проширен на сите компании во кои вакви фирми имаат најмалку 50% удел.
Според судските документи објавени од холандската влада, американските власти одамна изразиле загриженост поради кинеското сопствеништво на „Nexperia.“
Во дописите било наведено дека компанијата може да биде изземена од листата ако го промени своето раководство, бидејќи „кинескиот сопственик е проблематичен.“
Холандската влада негира дека одлуката за преземањето била донесена под притисок од Вашингтон, но потврдува дека постојат докази оти директорот префрлал производствени капацитети, финансиски средства и интелектуална сопственост од Холандија во Кина.

Автоиндустријата на работ
Експертите предупредуваат дека ова е јасен пример како изгледа „одвојувањето“ на западните и кинеските економии — и колку тоа е скапо.
„Ова е тоа што ’decoupling‘ навистина значи на корпоративно ниво — целосен хаос“, објаснува Нанлист.
Европските добавувачи на автомобилската индустрија бараат појаснувања околу извозните дозволи и предупредуваат на дополнителна бирократија во веќе неизвесното деловно опкружување.
Иако технички е можно да се премине на други производители како "Infineon", "NXP" или "Texas Instruments", тоа не е едноставно.
„Ланците на снабдување не се плански создадени — тие органски се развиваат“, додава Нанлист.
„Компонентите често се изработуваат специјално за одреден модел на автомобил.
Фирмите не можат да сменат насока преку ноќ — промените се исклучително сложени и скапи.“
Преговори меѓу Брисел и Пекинг
Судирот се случува во момент кога Доналд Трамп и Си Џинпинг постигнаа едногодишно трговско примирје, со кое беа суспендирани дел од забраните за извоз и ограничувањата на ретките метали.
Но, случајот со „Nexperia“ покажа колку е тоа примирје кревко.
„САД нема да го срушат договорот, но Европа има многу малку влијание во оваа игра каде што ланците на снабдување се користат како оружје“, вели Нанлист.
„За двете страни ова е политички чувствително — а за Европа особено, затоа што не сака производството на чипови да го напушти континентот.“
Тој додава дека лидерите во Брисел не биле однапред информирани за холандската одлука и дека не биле задоволни со начинот на кој таа е спроведена.
Во меѓувреме, Кина и Европската унија водат итни преговори за укинување на ограничувањата за извоз на чипови и ретки метали.
„Разговорите со Кина продолжуваат со цел воспоставување стабилна и предвидлива рамка што ќе овозможи целосно враќање на протокот на полупроводници“, изјави европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ на X.
Сепак, целиот случај ја откри ранливоста на клучните ланците на снабдување, а односите меѓу Кина, Холандија и остатокот од Европската унија ќе останат под притисок сè додека не се реши прашањето за сопственоста и контролата врз „Nexperia.“














