Древна ДНК открила мистериозна лозa на луѓе кои живееле на подрачјата на денешна централна Аргентина речиси 8.500 години.
Анализата, претставена во списанието „Нејчр“, покажала дека оваа новооткриена лозa постоела истовремено со другите две лозa на домородците на централна Аргентина, но речиси воопшто не се мешала со околните народи, пишува „ЛајвСаенс“.
Меѓународен тим научници анализирал 238 геноми од древни скелети на луѓе, од кои некои биле стари и 10.000 години. Иако претходните студии покажале дека постоеле различни популации во централните Анди, Амазонија и Патагонија, досега малку се истражувало кој живеел во географското подрачје помеѓу тие групи – во денешна централна Аргентина.

„Нашето големо прашање беше – имајќи предвид дека се наоѓале меѓу овие три популации, дали жителите на овие простори биле мешавина од овие групи или не“, изјави за „Саенс.орг“ Родриго Норес, генетичар од Националниот универзитет на Кордоба во Аргентина.
Со оглед на добро документираното ширење на древните луѓе во Јужна Америка, долго се претпоставувало дека древниот геном ќе даде само уште еден доказ за тоа како луѓето мигрирале низ овие простори. Сепак, геномската студија на скелетите од археолошките наоѓалишта откри „длабока генетска лозa“, која постоела на просторот на денешна централна Аргентина повеќе од 8.000 години, се до почетокот на 19 век, без значајни интеракции со околните групи.

Иако архео-генетскиот траг се завршува пред околу 200 години, истражувачите откриле некои траги во ДНК на современите Аргентинци. Мистериозната лозa изгледа дека била главната лозa на домородците во тој регион до денес, напишале истражувачите во студијата.

Иако во централна Аргентина постоеле многу јазици, сличното генетско потекло на оваа мистериозна лозa опстојувало и покрај тоа што лингвистичките разлики не се поклопувале со биолошките разлики, нагласиле истражувачите. Едноставно кажано, луѓето од оваа специфична и мистериозна лозa не зборувале еден, туку повеќе различни јазици.













