Швајцарија со децении зазема посебно место кај голем дел од луѓето – како симбол за работа, благосостојба и сигурност.
Поради тоа во периодите на економска криза, политичка нестабилност и општествени промени, многу од Балканците во Швајцарија ја виделе можноста за нов почеток и подобар живот.

Меѓутоа, таа репутација не настанала случајно – обликувана е низ историскиот бран на миграција, лични искуства на иселениците, како и низ медиумските и општествени прикази на животот на Швајцарија. За многумина, Швајцарија претставува она што на Балканот често недостасува: стабилност, праведност и можност трудот да се исплати.
Еден Хрват на „Редит“ објавил неколку огласи за работа во Швајцарија, за луѓето „од прва рака“ да се уверат колкави се платите за одредени професии.
„За сите кои размислуваат за преселување од Хрватска, малку истражував на интернет, па еве неколку огласи“, напишал тој.
Еден од огласите бил за медицинска сестра/техничар во Швајцарија, со плата од 5.500 до 7.000 евра. Во друг оглас за истото работно место се плаќа меѓу 6.500 и 8.500 евра.
Неговата објава предизвикала лавина коментари. Некои луѓе сепак предупредиле дека освен високата плата, треба да се говори и за високите трошоци за живеење во Швајцарија.
Еден Хрват којшто живее 60 километри од границата, рекол дека таму оди неколку пати годишно на викенд:
„Поскапо е од Германија, но не дека не може да се издржи. Дефинитивно е многу убава земја. Неколку мои колеги работат во Швајцарија, а живеат во Германија. Во Швајцарија заработуваат по 7.000 до 8.000 франци месечно (7.560 до 8.640 евра).

Друг корисник предупредил:
„Швајцарија е многу поскапа од Германија кога се гледаат секојдневните трошоци, но односот плата и цена е подобар во Швајцарија затоа што Германија има превисоки кирии. Становите во Минхен се скоро како и во Цирих, а платите се дупло помали. Меѓутоа, Швајцарија речиси нема никакви бенефиции за деца, па можеби плаќаш и по 200 франци дневно за јасли (216 евра). Во правилата имаш и околу пет денови помалку годишен одмор и полесно добиваш отказ. Купувањето недвижнини е многу потешко отколку во Германија“.
Еден Хрват открил дека за него Швајцарија е навистина ветена земја.
„Еве без истражувања, од „прва рака“. Кога сѐ ќе платам, ми остануваат 2.800 франци (3.024 евра). Платата на сопругата не ја допираме“, напишал тој.
Сепак, уште еден Балканец одлучил да ја раскаже приказната.

„Поради тоа што ние сме Балканци, еве конкретен преглед на нашите трошоци. Значи, за двајца возрасни кои живеат на 20 километри од Цирих: стан (66 м2) со гаража и трошоци 1.800 франци, плус 50 за струја (1.998 евра).
Здравствено осигурување: 350 х 2 = 756 евра. Храна околу 500 франци месечно (540 евра). Јавен превоз плус гориво околу 216 евра. Домашно, правно и автомобилско осигурување околу 162 евра месечно. Мобилни телефони и интернет околу 76 евра. Вкупно месечно околу 3.748 евра. Данокот веќе ни го одземаат од платата (Б виза). Автомобилот е наш, без лизинг. Кога ќе соберете сѐ ви остануваат околу 4.460 евра кои остануваат за „глупости“. Секој знае најдобро за себе, но ова се реалните бројки“.