Инвеститорите очекуваат пазарот на женски спортови во САД да расте околу три пати побрзо од машкиот спорт.
Богатите инвеститори сè повеќе се вртат кон женските спортови како ретка можност да го искористат овој брзорастечки пазар по пониски процени, објави американската консултантска фирма „McKinsey“.

Според овие податоци, берзанските трговци претпочитаат силни приноси во женските спортови во однос на високите почетни трошоци и ограничениот раст на големите машки франшизи, како што се американската НФЛ или британската Премиер лига, објави „Ројтерс“.
Некогаш сметани за неразвиени, женските спортови добиваат на интензитет, бидејќи зголемувањето на медиумските права, спонзорствата и гледаноста создаваат можност за висок потенцијал за раст.
„McKinsey“ очекува пазарот на женски спортови во САД да расте со стапка од 16 проценти годишно, приближно три пати побрзо од машкиот спорт, што би можело да генерира околу 2,5 милијарди долари годишен приход за носителите на правата до 2030 година.
Јазот во растот, исто така поттикнат од појавата на женски суперѕвезди како што е бекот на кошаркарската екипа на Индијана, Кејтлин Кларк, привлекува инвеститори со исклучително висока нето вредност кои бараат посилни долгорочни приноси, според „Ројтерс“.

„Вредностите скокаат многу брзо и сè уште има многу простор за раст“, изјави Џејсон Рајт, партнер во „Ariel investments“ и поранешен извршен директор во Националната фудбалска лига.
Ариел го поддржува клубот Денвер Самит од Националната женска фудбалска лига (NWSL), кој дебитираше оваа година.