Само Украина има право да разговара за прашањата поврзани со територијалниот интегритет на земјата, порача шпанскиот министер за надворешни работи, Хосе Мануел Албарес.
Првичниот нацрт-предлог што го предложија САД вршел притисок врз Киев да отстапи територија и да се обврзе дека нема да се приклучи кон НАТО во замена за прекин на војната. Албарес смета дека за тие прашања треба да одлучуваат Украина, односно НАТО.
„Украина е суверена земја која има демократски избрана влада. Владата на претседателот Зеленски. Тие се единствените кои имаат право да разговараат за работите што се основни и темелни принципи на меѓународното право и светскиот поредок, како што е територијалниот интегритет“, напомена тој.
Контрапредлогот што го изработија Велика Британија, Франција и Германија донесе низа клучни промени, вклучувајќи бришење на текстот што се однесува на ограничување на понатамошното ширење на НАТО и отстранување на референциите за територијални отстапки.
Албарес повтори дека одлуката за тоа кој може да се приклучи кон НАТО не ја носи „трета страна“, туку самиот воен сојуз.
„За мене е многу јасно дека сè што е поврзано со тоа кој ќе се приклучи кон НАТО или Европската унија е на нас, земјите членки, да одлучиме. Не би било прифатливо трета страна надвор од НАТО или Европската унија да ни зборува или да одлучува кој може да влезе, а кој не“, заклучи тој.







