Подружницата на „Allianz“, најголемата германска осигурителна куќа, има намера да замени 1500 работни места со вештачка интелигенција, според пишувањето на весникот „Süddeutsche Zeitung“.
Планот се однесува на „Allianz Partners“, компанија за патничко и автомобилско осигурување. Според „Süddeutsche Zeitung“, компанијата во иднина планира едноставните барања преку контакт-центарот да ги пренасочува кон вештачка интелигенција.
„Allianz Partners“ не ги потврди ниту демантираше наводите.
„Сè уште сме во рани фази на тестирање на промените и допрва ќе видиме каде ќе нè одведат“, изјави претставник на компанијата без дополнителни коментари.

„Süddeutsche Zeitung“ наведува дека „Allianz Partners“ планира да ги замени работните места со вештачка интелигенција во повеќе земји. Во моментов има 22.600 вработени, од кои 1600 во Германија.
Расправата околу тоа дали автоматизацијата и дигитализацијата ќе направат многу работни места во финансискиот сектор излишни трае со години.
„Allianz“ групацијата, со седиште во Минхен, во последните 10 години има вработено околу 9000 работници, а на крајот на 2024 година имала 156.626 работници ширум светот, пренесува „SEEbiz“.