Млад инфлуенсер почина откако јадел 10.000 калории дневно: Сакал нагло да се здебели, па да ослабе со својата програма за слабеење

Супермен

27/11/2025

17:47

514

Големина на фонт

а а а

Рускиот фитнес-инфлуенсер Дмитриј Нујанзин (30) починал по бизарен предизвик во кој дневно внесувал 10.000 калории за нагло да се здебели, а потоа драстично да ослабе.

Целта на овој опасен „маратон за храна“ била да ја промовира својата програма за слабеење, но експериментот завршил трагично.

Целта била да ги шокира следбениците

Дмитриј планирал да добие околу 25 килограми, кои потоа во рекорден рок би ги симнал, сè за да ја докаже ефикасноста на неговата програма за слабеење. Со недели тој консумирал огромни количини брза храна – пици, хамбургери, чипс, торти и печива – а целиот процес го документирал на социјалните мрежи, каде го следат повеќе од 43.000 луѓе.


Во едно од видеата, Нујанзин го објаснил своето дневно мени:

„Моментално се дебелеам за мојот курс за слабеење, а ова е мојата диета од 10.000 калории. За појадок имам многу печива и половина торта. За ручек обично јадам 800 грама ќофтиња со мајонез. Во текот на денот грицкам чипс, а за вечера имам хамбургер и две мали пици“.


На своите следбеници им ветил и награди. Во објава од 21 октомври напишал:

„Пријатели! Мојот курс за слабеење почнува многу скоро, каде можете да освоите одлични награди и, што е најважно, да изградите убаво тело, да научите правилно да се храните и да уживате во вежбањето! Ќе слабеам заедно со моите учесници, така што сè ќе биде двојно повозбудливо!“.

Фитнес-тренерот дури понудил 115 евра на секој што има повеќе од 100 килограми, а ќе успее да изгуби 10 проценти од телесната тежина до Нова година.

Трагичен крај на опасниот експеримент

Сепак, нездравиот режим на исхрана на овој млад инфлуенсер имал кобни последици. Срцето престанало да му чука во сон, пренеле руските медиуми. Бил пронајден мртов еден ден откако ги откажал тренинзите со клиенти и им се пожалил на пријателите дека не се чувствува добро и дека планира да посети лекар.


На почетокот на предизвикот имал нешто повеќе од 92 килограми, а до 18 ноември неговата тежина достигнала 105 килограми. Во последната објава на социјалните мрежи бил снимен како јаде чипс и се пофалил дека се здебелил, со натпис: „Го сакав тоа и успеав!“.

Нујанзин, кој дипломирал на Оренбуршката школа за олимписки резерви и Националниот фитнес-универзитет во Санкт Петербург, бил погребан во својот роден град Оренбург.


Предупредување од лекарите

„British Heart Foundation“ предупредува дека прекумерното дебелеење може да има страшни последици по здравјето на срцето.

„Тоа може да доведе до наталожување на масни наслаги во артериите (атеросклероза), да го зголеми ризикот од висок крвен притисок, покачен холестерол и дијабетес тип 2. Тоа се исто така ризик-фактори за срцеви заболувања“.

„Ако артериите што носат крв до срцето се оштетат и затнат, тоа може да доведе до срцев удар. Доколку се случи во артериите што носат крв до мозокот, може да предизвика мозочен удар или васкуларна деменција“, објаснуваат експертите.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk