Овогодишната новогодишна лотарија во Словенија е распродадена во рекорден рок. За само осум дена се продадени сите 450.000 ливчиња, па многумина ја пропуштија шансата да учествуваат во големата наградна игра.
Во меѓувреме, некои ливчиња се појавија на интернет огласи, а поединци за нив бараат и по неколку илјади евра!
Новогодишната лотарија веќе со години ужива голема популарност меѓу Словенците, што го потврдува и фактот дека годинава целосно се распродаде за осум дена. Бидејќи нови ливчиња веќе нема, а интересот не се намалува, поединци се обидуваат да заработат дополнително.
Огласите се појавија на социјалните мрежи, како „Фејсбук“, а цените во препродажба се исклучително различни. Додека официјалната цена на едно ливче изнесува 10 евра, на интернет се нудат по цени од 50, па дури и 10.000 евра.

Од друга страна, Лотарија Словенија ги предупреди граѓаните за ризиците од купување преку неовластени канали, пренесува „24ur“.
„На сите им советуваме игрите на Лотарија Словенија да ги купуваат исклучиво на официјалните продажни места или преку официјалните дигитални канали. Само на тој начин можат да бидат сигурни дека потврдата за уплата е автентична и важечка, како и дека учествуваат во играта под истите услови како и останатите играчи“, соопштија од Лотаријата.
Извлекувањето на добитниците е закажано за 1 јануари 2026 година, а ќе бидат доделени три главни награди – станови во Љубљана, Копер и Марибор.

Покрај тоа, ќе бидат извлечени три месечни исплати од по 1.500 евра (во период од 10 години), како и девет нови награди – по 100 грама инвестициско злато. Со извлекување ќе бидат определени уште 500 награди од по 250 евра и 15.000 награди од по 50 евра.
Годинава, ќе бидат доделени вкупно 15.515 добивки, во вкупна вредност поголема од 2,7 милиони евра.
Статистички, секое 29-то ливче е добитно, а шансите да добиете стан се 1 на 150.000.