18-годишниот Мајкл Сатерли успеал да го направи она што многу од претприемачите сонуваат со години да го направат.
Неговите 3Д печатени производи познати како „тактички држач за замена за лименка“ станале вирални на социјалните мрежи и му донеле приходи од дури 300.000 долари месечно.
Мајкл Сатерли е основач на компанијата „Cruise Cup“ која стои зад производот којшто „експлодирал“ на Инстаграм. Во видеото кое било погледнато над 50 милион пати, тој пие „Dr Pepper“ од специјализиран држач налик на термо-навлака.
Додека завршува со пиењето, новата лименка се гледа во кадар. Тој удира со држачот по неа, празната лименка излегува, а тој продолжува да го пие следниот пијалак.
Токму тој неочекуван момент бил клучен за виралноста.
„Мислам дека луѓето едноставно не виделе нешто слично претходно“, изјавил Сатерли за „Business Insider“.
Многумина коментирале дека биле восхитени од брзината со која наводно го испил сокот, но тој признал дека лименката била претходно испразнета и дека сето тоа било дел од глумата.
Виралното видео директно влијаело на растот на неговата е-трговија на „Cruise Cup“ која продава различни 3Д печатени производи, меѓу кои и овој држач којшто е најпродаван.
Само во ноември 2025 година Сатерли остварил 300.000 долари приход, што „Business Insider“ го потврдил со увид на неговиот профил на „Shopify“.
Иако е млад, Сатерли не е нов во претприемништвото. Првиот обид го имал на 10 години кога одел од врата до врата нудејќи им на соседите да им ја коси тревата.
„Тропав секој ден речиси еден месец и мислам дека имав само еден клиент“, вели тој.
Подоцна се свртел кон е-трговијата каде успешно продавал производ којшто одбива песок, а пoтоа и додаток за кломпи преку брендот „Solefully“ чиј Инстаграм профил се зголемил за повеќе од 100.000 следбеници.
Поради огромната потрошувачка, произведувањето брзо преминало во семејна куќа во Клифтон Парк во Њујорк.
„Подрумот беше полн со 3Д печатачи, трпезаријата служеше за пакување, а мојата соба беше студио“, се присетил Сатерли.
Денес работи од сериозен магацин во којшто работат над 130 3Д печатачи. истовремено се подготвува и за наредната фаза од растот, соработка со произведувачи и произведување производи од не’рѓосувачки челик, што планира да го оствари кон средината на 2016 година.

Сатерли 3Д печатачот првпат го запознал на час по дизајн во прва година средно училиште. Како главна предност го гледа нискиот праг на вложување.
„Секој може тоа да го работи. 3Д печатачите може да ги купите за околу 100 долари, а ролна материјал чини 20. Софтверот за моделирање денес е многу едноставен, а постои и вештачка интелигенција каде само го пишувате описот и добивате модел спремен за печатење“, објаснува тој.
Сатерли истакнува дека не треба да очекувате, првите неколку производи да бидат успешни.
„Мора да бидете исклучително упорни затоа што многу пати ќе доживеете неуспех. Ви наброив бизниси кои носат пари, но изгубив пари на многу други проекти. А, понекогаш едноставно ќе ви се насмевне среќата“.