Во Мекдоналдс покрај езеро опкружено со планини, во центарот на швајцарскиот град Лугано, муштерија нарачува кафе.
„Можам ли да платам со биткоин?“, гласело прашањето, а работникот му подал уред кој наликува на терминал за плаќање со картичка.
Тоа всушност е апарат за плаќање со криптовалута, а Лугано ги поделил бесплатно на локалните продавници.
Купувачот плаќа безконтактно, користејќи биткоин паричник на својот телефон. Сметката изнесува 0,00008629 биткоини, што е околу 7,52 евра.
Кој и да купил биткоин, ретко размислува за тоа да го користи за купување во продавница. Биткоинот најчесто се гледа како инвестиција, и постои постојана надеж дека неговата вредност ќе расте.
Но во Лугано, во италијанскиот дел на Швајцарија, приказната е поинаква.

Иако сè уште може да се плати во швајцарски франци, околу 350 продавници и ресторани сега прифаќаат и биткоин.
Локалната власт дури започнала да прима криптовалути за одредени градски услуги. На пример, можете да го платите престојот на дете во градинка со биткоин.
„Она што е одлично кај плаќањето со биткоин е чувството на слобода што го дава. Вие повеќе не зависите од финансискиот систем со посредници и нивните трошоци“, рекол Николас, кој сметката ја платил токму на овој начин.
Тој вели дека во Швајцарија открил биткоин картички – однапред платени подарок картички. Можете да купите одреден износ во швајцарски франци, а потоа да го префрлите во биткоин на вашиот дигитален паричник на телефонот.
Во центарот на Лугано, на главната улица полна со луксузни продавници, се наоѓа и продавницата „Vintage Nassa“, која продава нови и половни чанти и часовници.
Сопственикот, Черубино Фрај, вели дека прифаќа биткоин бидејќи провизијата по трансакција е пониска од онаа што ја наплатуваат компаниите за кредитни картички.
За биткоин провизијата е најчесто под 1%, додека за дебитни картички изнесува до 1,7%, а за кредитни и до 3,4%, иако тоа варира од земја до земја.

На прашањето на новинар на „BBC“ дали многу работи со биткоин, тој одговорил: „Во реалноста, не многу. За сега спорадично, неколку клиенти. Но користењето на биткоин е како дрво што расте, и тоа дрво ќе биде огромно за пет до десет години“.
Не далеку од неговата продавница се наоѓа седиштето на иницијативата „План Б“, која во 2022 година ја започнал градот Лугано во соработка со крипто-платформата „Tether“.
Буквата Б означува биткоин, а целта е едукација на граѓаните за криптовалути и „претворање на Лугано во европски центар за биткоин“.
„Сакам да ви раскажам за експериментот кој го спроведов овој јули“, рекла директорката на центарот Мир Липони. Таа објаснува дека имала проблем со банка и не можела да пристапи до своите средства.
Во текот на 11 дена, единствениот начин на плаќање ѝ бил биткоин. Вели дека експериментот добро поминал и дека во Лугано најчесто може да се преживее само со биткоин.
„Недостасува јавен превоз… гориво исто така. Во продавниците за прехранбени продукти е во ред. Дури нарачував намирници на домашна адреса. Многу медицински установи прифаќаат, но не и забарите. А уште една важна работа се сметките за струја. Нив за сега не можете да ги платите со биткоин“, објаснила.

Липони додава дека во иднина сака да види „циркуларни економии во кои луѓето заработуваат биткоин, го чуваат, го трошат и со него плаќаат услуги“.
Биткоин – неуспеси и успешни примери
Меѓутоа, на други места слични проекти не заживеале.
Салвадор во 2021 година го прогласил биткоинот за законско средство за плаќање заедно со американскиот долар. За да го поттикне користењето, владата им дала на граѓаните 30 долари во биткоин преку апликација.
„Луѓето едноставно ја преземаа апликацијата, го менуваа биткоинот за долари и повеќе никогаш не го користеа биткоинот“, рекол Винсент Чарлс од компанијата „Unchain Data“.
Оваа година отишол во таа земја за да види како напредува усвојувањето на биткоинот и заклучил дека луѓето главно не ја користат криптовалутата, а трговците и давателите на услуги ретко ја прифаќаат.
Сепак, постојат и успешни примери од светот. Љубљана во еден извештај во април беше прогласена за најпријателски град на планетата кога станува збор за криптовалути, а потоа следеа Хонг Конг и Цирих.
Во Лугано, сепак, не сите се воодушевени. Во паркот покрај езерото некогаш стоела статуа на Сатоши Накамото, мистериозна личност (или група луѓе) која во 2008 година го создала биткоинот.
Во август вандали ја скршиле скулптурата и ја фрлиле во езерото.
„Интересно е затоа што тука ретко се случува вандализам. Луѓето генерално се мирни. Ретко изразуваат силни политички мислења“, наведува локалната жителка Луција.
Таа додава дека и сама е скептична кон криптовалутите.
„На Универзитетот во Лугано каде студирам постои клуб кој промовира биткоин и сè што е поврзано со него. Изненадувачки е што институции како мојот универзитет толку ги промовираат криптовалутите. Мислам дека тие се поврзани со криминал, „dark web“ и измами. Многу луѓе губат пари бидејќи вложуваат во криптовалута“, наведува таа.
Серхио Роси, професор по економија на Универзитетот во Фрајбург, вели дека биткоинот е ризичен за трговците во Лугано или било каде во светот поради неговата волатилност – вредноста може нагло да се зголеми или намали.
Поради тоа, тој смета дека е важно трговците веднаш да го конвертираат примениот биткоин во франци, евра или друга валута што ја издава државата или централната банка.
Истакнува и ризик по угледот, бидејќи криптовалутите се користат во илегални трансакции, што може да ја загрози репутацијата на Лугано и неговите финансиски институции.
Професор Роси предупредува и дека биткоинот се чува кај дигитален посредник, што носи свој ризик.
„Ако платформата на која е мојот дигитален паричник пропадне, криптовалутите моментално исчезнуваат. И така засекогаш го губам тој износ. За разлика од тоа, во Швајцарија сите банкарски депозити се гарантирани до 100.000 франци. Тоа значи дека дури и ако банката пропадне, можам да го повратам тој износ“, изјавил тој за „BBC“.
На крајот, градоначалникот Мишел Фолети одговорил на прашањето дали го загрижува можноста Лугано да привлекува мафијашки пари.
„Не. Можете да користите и ‘регуларни’ валути за да правите добри или лоши работи. Исто е и со биткоинот. А мафијата повеќе ја интересираат fiat парите за перење пари. Кога продаваат дрога или нешто слично, добиваат кеш пари, а не биткоин, бидејќи кешот нуди поголема анонимност“, порачал тој.
Додал и дека биткоинот сè уште носи позитивни ефекти за Лугано и дека 110 компании од крипто-секторот веќе пристигнале во градот или биле основани таму.