Звучи речиси премногу добро за да биде вистинито: вработениот во ова хамбуршко претпријатие не мора да доаѓа на работа повеќе од три месеци, но само ако исполни одредени критериуми.
Овие неверојатни услови важат во „Aurubis“, најголемиот европски производител на бакар од Хамбург, кој вработува околу 2.800 луѓе, вклучувајќи околу 240 приправници.
Оние што ги исполнуваат критериумите можат да добијат и до 61 ден годишен одмор.

„Стандардниот годишен одмор е 30 дена, а покрај тоа има и до пет дополнителни дена кои вработениот може да ги искористи како слободни или да добие парична надокнада“, објаснил Кристоф Теш (Christoph Tesch), директор за корпоративни комуникации, за „Bild“.
Сменските работници добиваат уште еден дополнителен ден одмор, како и до 20 дена старосно слободно време за работници постари од 55 години. Теш додава и „пет дена за пресоблекување и пат од соблекувалната до работното место за вработените во производството“.
„Тоа всушност не е дел од годишниот одмор, туку надомест за времето поминато во подготовка за работа“, нагласил тој.
Деновите се доделуваат кога вработените, на пример, мораат да носат заштитна опрема, а патот од гардеробата до работното место е долг. Хамбуршкиот погон зафаќа околу 870.000 квадратни метри.

Освен бакар, „Aurubis“ преработува уште околу 20 други метали, вклучувајќи злато, сребро и платина. Приправниците во првата година од обуката заработуваат повеќе од 1.000 евра бруто.
„До третата или четвртата година од обуката, платата може да порасне и до 1.500 евра месечно“, открива Теш.
Искусните работници на почетокот можат да заработат повеќе од 50.000 евра годишно, додека искусен сменски мајстор може да достигне и до 90.000 евра годишно.
Покрај платата, вработените добиваат и божиќница, регрес, придонеси за приватно пензиско осигурување, „Deutschlandticket“ и други бенефиции.

„Aurubis генерално придава големо значење на тоа да биде привлечен работодавач и на своите вработени да им понуди конкурентен пакет погодности“, пишува Govorise.si.
Секако, за таков вид работа морале навистина да се потрудат.