Крај на една ера: Легендарниот шеф на дизајн на „Mercedes-Benz“ ја напушта компанијата по 28 години

Супермен

19/12/2025

18:42

456

Големина на фонт

а а а

„Mercedes-Benz“ останува без еден од своите највлијателни дизајнери. Гордон Вегнер којшто од 2016 година ја извршуваше функцијата на главен шеф на дизајн на овој бренд, објавил дека ја напушта компанијата на 31 јануари 2026 година.

„Mercedes“ во соопштението навел дека напуштањето било договорено обострано, а германскиот произведувач на автомобили исто така објавил дека Бастијан Боуди, којшто моментално ја извршува функцијата главен дизајнер на „Mercedes-AMG“ ќе ја преземе оваа позиција на 1 февруари.

Иако Вегнер последнава деценија бил главен директор на дизајн во „Mercedes-Benz“, неговата кариера во компанијата трае речиси три децении, а започнала во 1997 година.


Едно од неговите најиконични дела е „Mercedes-Benz SLR MCLaren“ , a во 2018 година бил именуван и за шеф на глобален дизајн.

Во тој момент имал 39 години, што го направило најмлад шеф на дизајн во автомобилската индустрија.

Вегнер таа улога ја презел со голема амбиција, помагајќи целокупната линија на „Mercedes-Benz“ возилата да се трансформира од конзервативен во емотивен дизајнерски израз, филозофија која ја нарекол „Sensual Purity“.

Вегнер немал само клучна улога во преродувањето на „Mercedes“ туку го надгледувал и развојот на ултра-луксузните „Maybach“ модели, како и модернизацијата на легендарната „G“ класа.

Под негово лидерство настанале и моделите на „A“ класата генерации „W176“ и „S“ класата „W222“, додека пак првата генерација „Mercedes-AMG GT“ често се наведува како еден од неговите најуспешни автомобили.

Неговиот дизајнерски опус вклучува и бројни концептни автомобили, од „Vision One-Eleven“ до „Vision Iconic“ којшто беше претставен претходно годинава, пренесуваат странските медиуми.


Секако, не сите дизајни на Вегнер наишле на позитивни реакции. Поголем дел од електричните „EQ“ модели, како „EQE“ и „EQS“ главно биле критикувани поради обликот налик на „капки“ во којшто аеродинамиката имала предност над естетиката. Сепак, може да се каже дека 56-годишниот дизајнер во текот на својот мандат имал значително повеќе успеси отколку промашувања, остварувајќи моќно и трајно наследство.

Извршниот директор на „Mercedes-Benz“, Ола Калениус, вака го коментирал заминувањето на Вегнер:

„Гордон Вегнер го обликуваше идентитетот на нашите брендови со својата визионерска дизајнерска филозофија. Во текот на многуте години даде пресуден придонес за тоа нашите иновативни производи ширум светот да бидат синоним за единствена естетика. Неговата креативност и чувство за иднина на автомобилскиот дизајн трајно го збогатија Mercedes-Benz“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk