Овој милијардер е татко на повеќе од 100 деца: Одлучил кој ќе го наследи неговото огромно богатство

Супермен

25/12/2025

07:41

1.223

Големина на фонт

а а а

Павел Дуров, милијардер и основач на популарната апликација за пораки Телеграм, понудил да ги покрие целосните трошоци за вонтелесно оплодување (IVF) за жени помлади од 38 години кои сакаат да добијат дете користејќи ја неговата сперма.

Дуров (40), технолошки претприемач со руско потекло, тврди дека преку донации на сперма веќе станал татко на повеќе од сто деца, покрај шесте деца што ги има со три партнерки, пишува „Дејли мејл“.

Тој својата одлука ја смета за „граѓанска должност“, нагласувајќи дека на тој начин помага да се надмине недостигот од „квалитетен донаторски генетски материјал“. Според него, целта е и да се намали стигмата поврзана со донирањето сперма. Дуров јавно го поврзал глобалниот пад на бројот на сперматозоиди со фактори од околината, како загадувањето со пластика, истакнувајќи дека е горд што може да придонесе за решавање на овој проблем.


Според Сергеј Јаковенко, директор на московската клиника за плодност „Алтравита“ и близок пријател на Дуров, тој му укажал дека споделувањето силен генетски материјал може да се гледа како општествена одговорност во време кога машката неплодност е во пораст. Дуров започнал со донации уште во 2010 година, кога сакал да му помогне на пријател кој имал проблеми со неплодност, а продолжил откако експертите го информирале дека постои сериозен недостиг од донаторска сперма.

Сите деца ќе наследат дел од богатството од 17 милијарди долари

Богатството на Павел Дуров се проценува на речиси 17 милијарди долари. Тој јавно изјавил дека сите негови деца, без разлика дали се зачнати природно или преку донација, ќе имаат право на дел од неговиот имот.

„Доколку можат да докажат заеднички ДНК со мене, еден ден – можеби за триесет години – ќе имаат право на наследство откако јас веќе нема да бидам тука“, изјавил тој во подкастот на Лекс Фридман. Во интервју за францускиот магазин Le Point дополнително нагласил: „Не правам никаква разлика меѓу моите деца.“


Минатата година, десетици жени се пријавиле по оглас на московска клиника во кој се нудела бесплатна сперма од Дуров. Во огласот било наведено и дека тој ги покрива трошоците за жени под 38 години, а побарувачката за неговата сперма, како што се тврди, била исклучително голема.

Како може да се дојде до примероци

Иако Дуров повеќе не донира директно, примероци од неговата сперма од претходните донации сè уште се чуваат во клиниката „Алтравита“. Во објава на Телеграм во јули 2024 година, тој потврдил дека примероците „сè уште се достапни“. За да се избегнат правни компликации, пристапот е строго ограничен – право на користење имаат само невенчани жени помлади од 37 години.

Ембрионите минуваат дополнителни генетски проверки за да се исклучат наследни нарушувања, а најчесто се достапни за побогати клиентки од Русија и од странство.

Еден поранешен лекар од клиниката го опишал интересот на жените вака:

„Пациентките беа образовани, здрави и негувани. Сакаа дете од одреден тип маж. Одеднаш се појави можност – трошоците се покриени, а донаторот е успешен, интелигентен и привлечен.“

Приватен живот и правни спорови


Пред да започне со донации, Дуров добил две деца со тогашната девојка, а подоцна уште три со адвокатката за човекови права Ирина Болгар, која живее во Швајцарија. Според медиумите, тие се во правен спор, бидејќи таа тврди дека во 2023 година тој ја прекинал финансиската поддршка за неа и децата. Исто така, поднела и кривична пријава во која наведува дека Дуров физички го нападнал нивното најмало дете, што неговиот портпарол категорично го негирал.

Павел Дуров ја основал апликацијата Телеграм во 2013 година, откако претходно ја креирал руската социјална мрежа ВК. Денес Телеграм има повеќе од една милијарда активни корисници и важи за една од највлијателните платформи за размена пораки во светот.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk