Актерот Колман Доминго немал никакви дилеми кога го прашале кој, според негово мислење, е најдобро облечената личност на годината. Неговиот одговор бил брз, самоуверен и помалку неочекуван – тој самиот.
Во видео-исечок објавен во вторникот на „Инстаграм“, новинарка на британскиот „GQ“ го прашала Доминго: „Кој, според вашето мислење, е најдобро облечената личност на годината?“.
Без трошка двоумење, актерот одговорил: „Колман Доминго“ и почнал гласно да се смее. „Би сакал да лажам“, додал тој.
Доминго набрзо објаснил зошто се избрал себеси. „Го велам ова само затоа што сакам моите браќа малку повеќе да се потрудат. Не мора тоа да бидам јас секоја година, но можеби можете да вложите малку повеќе напор“.
Новинарката се согласила, додавајќи: „Често сте тоа вие. Последен пат кога ве видов, повторно бевте вие“.
„Не можам да верувам дека штотуку се наведов себеси, но некако тоа е вистината“, заклучил актерот.
Самодовербата на Доминго, сепак, не е без основа. Уште во април, модното списание „Vogue“ оцени дека тој „поставува стандарди во машката мода“.
Во разговор за „Vogue“, неговите стилисти Вејман Банерман и Мајка Мекдоналд, ја објаснија креативната сила што стои зад неговите впечатливи модни изданија. „Верни на стрелечката природа на Колман, тој навистина сака да си игра и да ужива во секој аспект од своето битие, па затоа неговиот стил и чувството за мода целосно доаѓаат до израз“, изјавија Вејман и Мајка.

„Обожаваме да го облекуваме во скроени одела што ја истакнуваат неговата става, а сакаме да користиме и додатоци за иновација и надградба на неговиот изглед“, додадоа тие. „Над сè, енергијата, самодовербата и харизмата на Колман секогаш го подигнуваат секој момент на црвениот тепих на повисоко ниво“.
А дали вие се согласувате дека тој е најдобро облечената личност? Во продолжение, се потсетуваме на некои од неговите модни комбинации.










