Sarah Mace and the Girlzz со синоќешниот предновогодишен концерт во Големата сала на Македонска филхармонија му подарија на Скопје вечер исполнета со празнична магија, спојувајќи ја елеганцијата на концертната сцена со современа вокална енергија.
Со хармоничен и динамичен настап, квартетот создаде атмосфера која природно ја внесе публиката во божиќното расположение и ја претвори музиката во заедничко празнично доживување.

Една од најпрепознатливите македонски уметници, Сара Мејс, заедно со женскиот вокален квартет составен од Ана Петановска, Калина Велковска – Кали и Теа Богатинова, настапија во придружба на Божиќниот оркестар, под диригентската палка на Иван Еминовиќ. Со внимателно обликувани аранжмани и впечатлива вокална усогласеност, концертот понуди современа изведба на познатите божиќните нумери и создаде богата, топла звучна слика што целосно ја исполни концертната сала.

Вечерта доби и дополнителна сценска магија со појавувањето на Дедо Мраз, кој внесе ведрина и детска радост во салата. Особено впечатлив момент беше изведбата на новата божижна композиција „Нека трепка“, кога на сцената им се придружија девојчињата кои се појавуваат во видео-спотот - The little girlzz: Илина, Ангела, Мила и Ника, чиј настап донесе искрена емоција и силна симболика на празничната порака.
Покрај музичките изведби, вечерта беше збогатена и со искрени обраќања кон публиката - кратки воведи и лични осврти кои ја доловија симболиката на композициите и ја истакнаа нивната емоционална димензија. Тие спонтани моменти создадоа чувство на блискост и заедништво, претворајќи ја концертната сала во простор каде што празничната радост се споделуваше преку музиката.

Овој предновогодишен концерт уште еднаш потврди дека празничната музика има моќ да обедини различни генерации и музички вкусови. Публиката од Филхармонија замина со чувство на исполнетост и празничен оптимизам, носејќи ја со себе магијата на Божиќ како најубав вовед во новата година.
Караванот „Нека трепка“ продолжува да ја шири празничната атмосфера и ќе биде заокружен денеска, со настап на новогодишниот базар во Крива Паланка, каде што публиката ќе има можност уште еднаш да ја почувствува радоста и магијата на празниците преку музиката.







Комерцијален текст












