Американската актерка и ријалити ѕвезда Дениз Ричардс и нејзиниот поранешен сопруг Арон Фајперс добиле судски налог за иселување од куќата во Калабасас, во Лос Анџелес, откако со месеци не плаќале кирија.
Судот пресудил во корист на сопственикот, а долгот изнесува повеќе од 84.000 долари.
Според судските документи, судија на Вишиот суд во Лос Анџелес во петокот го одобрил барањето на станодавецот за иселување на Ричардс и Фајперс од нивната изнајмена куќа во Калабасас, во сојузната држава Калифорнија. Во тужбата се наведува дека поранешните сопружници должат околу 84.000 долари за неплатена кирија.

Сопственикот, покрај иселувањето, побарал и Ричардс и Фајперс да ги платат адвокатските трошоци, како и надомест за евентуална штета на имотот.
Ричардс (54) и Фајперс (53) го потпишале договорот за наем во јуни 2020 година, а тогаш платиле депозит во износ од 24.000 долари. Меѓутоа, актерката повеќе не живее во таа куќа поради бурниот развод од Фајперс по речиси шест години брак.
Во судските документи од август, Ричардс навела дека се иселила од куќата пред две години, бидејќи сметала дека семејството на Фајперс ќе престојува таму само привремено. Таа исто така истакнала дека јасно му кажала на Фајперс дека од јануари тој ќе биде одговорен за плаќањето на киријата, бидејќи неговото семејство сè уште живеело во куќата и одбивало да се исели.
Според наводите во пријавата, станодавецот во последните шест месеци безуспешно се обидувал да стапи во контакт со Фајперс поради неплатената кирија. Бидејќи имињата на двајцата биле на договорот, сопственикот на куќата бил принуден да им достави налог за иселување.

Ричардс дополнително го обвинила поранешниот сопруг и неговото семејство дека „сериозно ја оштетиле“ куќата, наведувајќи дека куќата е во „целосен хаос“.
Во ноември, Ричардс добила трајна забрана за приближување до Фајперс, откако го обвинила за злоупотреба за време на бракот, што тој го негирал. Набргу потоа, Фајперс поднел барање за итно рочиште во постапката за брачна алиментација, тврдејќи дека му се заканува бездомништво.
Во документите навел дека му се заканува иселување „во секој момент“, бидејќи наводно должи дури 125.000 долари за неплатена кирија, како и 10.090 долари за заостанати трошоци.
Фајперс исто така навел дека должи илјадници долари за комуналии, вклучувајќи вода, гас, струја и ѓубретарина тврдејќи дека е во опасност да остане без дом, возило и телефон доколку итно не му се овозможи пристап до средствата кои, како што тврди, ги контролира Ричардс.












