[ВИДЕО] Потенцијално голема година за филмската индустрија: Ви ги претставуваме најголемите филмски наслови кои доаѓаат во 2026 година

Точка

30/12/2025

22:00

372

Големина на фонт

а а а

Според листата на најочекуваните филмови за 2026 година, објавена од „Би-би-си“, следната година изгледа како потенцијално огромна за филмската индустрија која сè уште ги чувствува последиците од ковид падемијата.

Индустријата се надева дека претстојните проекти ќе донесат успех. Во новата година може да очекуваме многу премиери со филмови од најразлични жанрови. Од долгоочекувани продолженија на проекти како четвртиот „Спајдермен“ филм на Том Холанд, третиот дел на „Дина“ и „Ѓаволот носи Прада 2“, до новото епско издание „Одисеја“ на Кристофер Нолан, еве ги 20-те филмови кои треба да ги погледнете во 2026 година.

1. „Хамнет“ 

Заснована на наградуваната книга со исто име од Меги О’Фарел, „Хамнет“ ја следи врската помеѓу Вилијам Шекспир (Пол Мескал) и неговата сопруга Агнес (Џеси Бакли). Овој филм ги истражува трагичните настани што го потресуваат парот и кои го инспирираат Шекспир да ја напише драмата „Хамлет“.

Премиера: 9 јануари

2. „28 години подоцна: Храмот на коските“

Четвртиот дел од серијалот, кој започна во 2002 година, ја продолжува приказната на „28 години подоцна“ од 2025 година. Во заплетот, Спајк (Алфи Вилијамс) се сплеткува со смртоносната група предводена од Џими Кристал (Џек О’Конел). Д-р Келсон (Ралф Фајнс), пак, влегува во нова врска што може да има катастрофални последици.

Премиера: 16 јануари

3. „Вклучено ли е ова?“

Делумно инспирирано од кариерата на британскиот комичар Џон Бишоп, „Вклучено ли е ова?“ е третиот филм во режија на Бредли Купер, по „Ѕвездата е родена“ и „Маестро“. Филмот следи еден човек кој, неочекувано, пробува стендап комедија и открива дека има талент да ги насмее луѓето.

Премиера: 30 јануари

4. „Оркански височини“

Со трејлер полн со страст и копнеж, „Оркански височини“, базиран на истоимената книга, веќе е еден од најзборуваните и најпознатите филмови од 2026 година. Режисерот Емералд Фенел, чиј последен филм беше „Солтберн“, повторно работи со Џејкоб Елорди, кој го игра Хитклиф. Во другата главна улога е Марго Роби која ја глуми Кети.

Премиера: 13 февруари

5. „Тестаментот на Ен Ли“

Аманда Сејфрид ја игра вистинската личност, Ен Ли, водач на религиозно движење од 18 век познато како „Шејкеризам“. Приказната ја следи Ен, првично квакерка, припадничка на религиозно друштво, која се оддалечува од тој ред и го преминува Атлантикот кон Америка, каде што стотици ѝ се придружуваат на нејзиното религиозно патување.

Премиера: 20 февруари

6. „Врисок 7“

Кевин Вилијамсон, кој го напиша оригиналниот „Врисок“ и две од неговите продолженија, се враќа во семејството на „Врисок“ франшизата, овој пат како режисер и писател на сценариото. Пред камерата се враќаат оригиналните глумци Кортни Кокс, која ја глумеше Гејл Ведерс и Нев Кембел како Сидни Прескот. Тие ќе се соочат со новиот „Гоустфејс“ кој ѝ се заканува на ќерката на Прескот.

Премиера: 27 февруари

7. „Супер Марио Галакси Филм“

Триесет години откако играниот филм „Супер Марио Брос“ беше неуспех на кино благајните, анимирана верзија на авантурите на Марио, филмот „Супер Марио Брос“, заработи повеќе од милијарда долари. Ова продолжение, базирано на игра од 2007 година каде што Марио и Луиџи тргаат да ја спасат принцезата Пич, беше очекувано од многумина.

Премиера: 3 април

8. „Ѓаволот носи Прада 2“

Ироничната и итра улога на Мерл Стрип како уредничка на модното списание „Ранвеј“ и изведбата на Ен Хатавеј како наивната новодојденка Енди, го направија оригиналниот филм култен за милиони гледачи. Дваесет години подоцна, двојката се враќа пред камерата. Во моментов се познати малку детали, но се знае дека се враќаат и омилените ликови на фановите Емили и Најџел, играни од Емили Блант и Стенли Тучи.

Премиера: 1 мај

9. „Војна на ѕвездите: Мандалоријан и Грогу“

Во текот на три сезони, „Мандалоријан“ стана најуспешниот ТВ „спин-оф“ од „Војна на ѕвездите“. Сега неговите создавачи се надеваат дека популарноста може да помогне во оживувањето на „Војна на ѕвездите“ на големото платно. Ова е првиот филм на франшизата од премиерата на деветиот дел на „Војна на ѕвездите“ во 2019 година, „Подемот на Скајвокер“. Во филмот ќе глуми и Сигурни Вивер.

Премиера: 22 мај

10. „Ден на откривање“

Овој најнов проект на Стивен Спилберг, со Џош О’Конор во главната улога, е обвиен во тајност и мистерија. Дури и неговиот двоминутен тизер трејлер не го објаснува заплетот воопшто. Сепак, трејлерот силно алудира на вонземски посетители кои му се покажуваат на човештвото со слоган: „Ако откриете дека не сме сами, ако некој ви го покаже, ви го докаже тоа, дали тоа би ве исплашило?“

Премиера: 12 јуни

11. „Приказна за играчките 5“

Последните пет години не беа лесни за „Пиксар“. Според сопствените супер високи стандарди, неколку филмови имаа послаби резултати. Затоа, студиото се надева дека ова петто продолжение од нивната најуспешна франшиза филмови и враќањето на Том Хенкс како Вуди и Тим Ален како Баз ќе помогнат во враќањето на успехот на „Пиксар“.

Премиера: 19 јуни

12. „Супергрл“

Краткото претставување на Мили Алкок како „Супергрл“ на крајот на хит-филмот „Супермен“ од 2025 година беше еден од најважните моменти во филмот. Во нејзиниот филм, заплетот се претставува како „епско, меѓуѕвездено патување на одмазда и правда“. Но, според трејлерот, се чини дека приказната е подеднакво и за нејзе како личност. Таа е претставена како прави сè, од борба со злосторници до секојдневни задачи.

Премиера: 26 јуни

13. „Моана“

Првиот анимиран филм „Моана“ беше огромен хит, а неговото продолжение, „Моана 2“, е уште поголем, со заработка од повеќе од милијарда долари на кино благајните. Затоа, постои надеж и за успехот на оваа играна преработка на оригиналниот анимиран филм. Тој ја раскажува приказната за младата Моана која го напушта својот островски дом со надеж дека ќе го спаси својот народ.

Премиера: 10 јули

14. „Одисеја“

Режисерот оскаровец Кристофер Нолан обично не сака публиката однапред да знае премногу за заплетот на неговите филмови. Во овој случај, сепак, тоа е невозможно. Неговото најново дело е базирано на грчкиот еп на Хомер, кој го следи макотрпниот пат на Одисеј (Мет Дејмон) до дома по Тројанската војна. Освен Дејмон, во филмот играат и Том Холанд, Зендеја, Роберт Патинсон и многу други одлични глумци.

Премиера: 17 јули

15. „Спајдермен: Сосема нов ден“

На крајот од претходниот филм, „Спајдермен: Нема пат кон дома“, магија фрлена од д-р Стрејнџ предизвика целиот свет, вклучително и Емџеј (Зендеја), девојката на Питер Паркер (Том Холанд), да заборави дека тој е Спајдермен и дека воопшто постоел. Иако нема многу детали за филмот, многумина очекуваат новиот филм да истражи како Питер се справува со оваа осаменост на суперхерој.

Премиера: 31 јули

16. „Игрите на гладните: Изгрејсонце на жетвата“

Сместен четвртина век пред првиот филм за „Игрите на гладните“, „Изгрејсонце на жетвата“ е приказна за Хејмич Абернати, подоцна ментор на Катнис (Џенифер Лоренс), кој учествува во 50-тите „Игри на гладните“. Објавено е дека и Лоренс и Џош Хачерсон (Пита) ќе имаат кратко појавување во филмот.

Премиера: 20 ноември

17. „Фокер-свекор“

Ова е четвртиот дел од серијата што започна со „Запознајте ги родителите“. Бен Стилер, Роберт Де Ниро, Тери Поло, Блајт Данер и Овен Вилсон се враќаат во своите улоги. Но, сè уште е непознато дали Дастин Хофман и Барбара Стрејсенд, кои ги играа родителите на Стилер во претходните филмови, ќе бидат во новиот филм. Еден потврден новодојденец што се придружува на екипата е Аријана Гранде.

Премиера: 25 ноември

18. „Џуманџи 3“

Овој проект сè уште е скриен во тајност и нема многу јавно објавени детали. Иако досега нема сознанија за заплетот, има објавена фотографија од глумците на снимањето. Познато е дека главната екипа составена од Двејн Џонсон, Џек Блек, Карен Гилан и Кевин Харт се враќаат во ова продолжение. Овој филм е најавен како последен „Џуманџи“ филм.

Премиера: 11 декември

19. „Одмаздници: Судниот ден“

Во последните неколку години, некогаш сеопфатниот филмски универзум на Марвел е доста „тивок“. Марвел се надева дека „Одмаздници: Судниот“ ден ќе ги оправда очекувањата на фановите и дека ќе биде вистински хит на кино благајните. Во овој филм се враќа Роберт Дауни Џуниор, но сега како негативецот Доктор Дум. Филмот ќе има огромен ансамбл на глумци од Марвел универзумот.

Премиера: 18 декември

20. „Дина: Трет дел“

Третиот дел од епската вселенска трилогија на режисерот Дени Вилнев наводно ќе биде базиран на вториот роман од серијата книги „Дина“, „Дина: Месија“. Главната екипа, меѓу кои и Тимоти Шаламе и Зендеја, се враќаат во своите улоги, заедно со новодојдениот Роберт Патинсон. Следниот проект на Вилнев по ова ќе биде следниот филм на „Џејмс Бонд“ франшизата.

Премиера: 18 декември