Актерката Мариса Абела отворено проговорила за својата борба со ракот на тироидната жлезда и за суптилниот симптом кој прв укажувал на болеста.
Ѕвездата на серијата „Industry“ објаснила дека ракот ѝ бил дијагностициран кога имала само 23 години и дека поради тоа доживотно ќе мора да зема лекови.

Ракот на тироидната жлезда е карцином што ја зафаќа малата жлезда сместена во долниот, преден дел на вратот, а статистички почесто се јавува кај жените отколку кај мажите. Денес 29-годишната актерка целосно закрепнала, но редовните прегледи остануваат дел од нејзината рутина.
Првиот симптом бил невообичаен замор
„Сега сè е во ред, фала му на Бога“, изјавила таа во разговор за „The Times“. „Немам функционална тироидна жлезда, па таблетите што ги земам на некој начин создаваат една. Никогаш нема да ги пропуштам тие прегледи. Тироидната жлезда е целосно поврзана со вашите хормони, а одржувањето на хормоните под контрола, како жена е важно за да се осигури дека сè функционира како што треба“, изјавила актерката.

Абела објаснила дека првиот симптом што го забележала бил невообичаен замор, по што лекарот открил грутка на нејзиниот врат. Таа била подложена на осумчасовна операција, а потоа и на третман со радиоактивен јод.
По целосното закрепнување, Абела продолжила со животот и кариерата. Минатата, 2025 година, се омажила за својот сопруг Џејми Богy, кого го запознала за време на студиите на Кралската академија за драмска уметност (RADA).
Симптоми и ризици од рак на тироидната жлезда
Според „Mayo Clinic“, повеќето карциноми на тироидната жлезда на почетокот не покажуваат никакви знаци. Меѓутоа, како што ракот расте, може да предизвика грутка на вратот, чувство дека крагните стануваат премногу тесни, промени во гласот како засипнатост, тешкотии при голтање, отечени лимфни јазли на вратот, како и болка во вратот и грлото.

Постојат и одредени фактори што можат да го зголемат ризикот од рак на тироидната жлезда. Тука спаѓаат женскиот пол, за кој експертите веруваат дека може да биде поврзан со хормонот естроген, потоа изложеност на високи нивоа на зрачење и одредени наследни генетски синдроми.














