Се приближуваме до моментот кога повеќе нема да мораме ни забите сами да ги миеме. Наскоро, тоа за нас ќе го прави робот.
Доволно е само да загризете пластичен додаток и работата да ѝ ја препуштите на машината.
Тоа го ветува „g.eN“, првиот уред за миење заби што доаѓа од Јапонија. Оваа роботска четка за заби е развиена со помош на технологија од Лабораторијата за роботика при Универзитетот Васеда. Се состои од куќиште што корисникот го држи во рака, а на отворениот дел има пластика со сет од 16 ситни четкички, кои ги придвижува мал, но моќен мотор, пишува Форбс Србија.
Кога ќе го загризете пластичниот усен продолжеток, уредот автоматски се активира и ги движи четкичките во различни насоки – нагоре, надолу, лево и десно, а како што тврдат од компанијата „Genics“, која стои зад овој уред, забите по 30 секунди ќе бидат темелно измиени.

Творците на овој уред велат и дека ова е првиот робот за орална хигиена што може да го направи миењето заби „помалку стресно и посигурно“.
Тие истакнуваат и дека нивната роботска четка за заби ги чисти забите побрзо и потемелно од класичната, бидејќи истовремено ги чисти двете страни на забите – и внатрешната и надворешната.
Уредот има 16 ситни четкички. Полесен е од претходните верзии на „g.eN“ и тежи само 220 грама. Се полни со помош на УСБ-Ц полнач.
Нуди четири различни режими на миење: „Easy“, „Careful“, „Special Care“ и „Children“.
На својата веб-страница производителите наведуваат и дека здравјето на устата и забите е важно за нашето општо здравје, за превенција на кариес и за намалување на ризикот од заболувања.
Луѓе со посебни потреби (постари лица/лица со инвалидитет) – потребен им е некој што ќе им помага при миењето заби. Тоа наметнува голем физички и психички напор.

Бизнис луѓе/млади генерации – зафатени се и сакаат да заштедат време при миењето заби. Совршеното миење заби бара време и високи вештини за четкање“, истакнуваат на веб-страницата.
„Genics“ тврди и дека повеќе од 200 „лимитирани изданија за нега на пациенти“ веќе секојдневно се користат во установи за нега ширум Јапонија.
Сепак, „совршеното миење заби“ не доаѓа бесплатно. За тој луксуз ќе мора да издвоите 200 евра, а преднарачките се достапни на нивната веб-страница.

Социјалните мрежи создадоа простор за коментирање. Некои воодушевено ја „поздравија“ идејата, додека други остро ја критикуваа.
„Изморен сум од миење заби, ќе го купам ова веднаш“, „Можеби ова е добро за наутро кога сме во брзање“, „Изгледа како чистењето на оваа четка да е потешко од миењето заби“, „Сигурно би повраќал ако се обидам да ја користам оваа гломазна направа за миење заби“, беа само дел од коментарите.