Богатите авантуристи сега можат да резервираат одмор на Месечината преку стартап со седиште во Калифорнија, кој планира да отвори хотел на Месечината до 2032 година.
Вселенските туристи кои сакаат да престојуваат во хотелот на Месечината мора да уплатат висок депозит од еден милион долари, за да бидат меѓу првите што ќе ја посетат она што компанијата тврди дека ќе биде „првата трајна вонземска структура“.

„Galactic Resource Utilization Space“ (GRU), компанија основана од дипломираниот студент на Универзитетот во Беркли, Скајлер Чен, ја лансираше својата веб-страница за резервации во понеделникот, на 12-ти јануари, и откри детали за архитектурата на хотелот. Во соопштението, компанијата наведува дека ќе користи „сопствен систем на модули за домување и автоматизиран процес за трансформација на месечевата почва во издржливи структури“, со цел да се исполни амбициозниот рок. Очекувањата се дека изградбата ќе започне во 2029 година, под услов на регулаторно одобрување.

Се очекува раните гости на хотелот да бидат учесници на претходни комерцијални вселенски летови, како и богати, авантуристички младенци кои бараат вонземско искуство за меден месец. Компанијата верува дека туризмот е клучен за целосен развој на лунарната економија, обезбедувајќи „најбрз пат човештвото да стане интерпланетарно“.
„Живееме во пресвртница кога навистина можеме да станеме интерпланетарни пред да умреме. Ако успееме, милијарди човечки животи ќе се раѓаат на Месечината и Марс и ќе можат да ја искусат убавината на лунарниот и марсовскиот живот“, изјави Чен во соопштението.

Тој е 21-годишен дипломиран инженер по електротехника и компјутерски науки на Универзитетот Калифорнија Беркли и ја развил идејата за лунарниот хотел како дел од стартап акцелераторот наречен „Y-Combinator“. Чен изјави дека собрал средства за проектот од инвеститори кои стојат зад компаниите „SpaceX“ и „Anduril“, компанија која развива автономни одбранбени системи.
Трајната база на Месечината е дел од визијата за проширување на присуството на САД во вселената, предводена од новиот администратор на НАСА, Џаред Ајзекман, со поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп. Чен се надева дека „GRU“ ќе игра улога во остварувањето на овие планови.

Компанијата, исто така, објави документ во кој се опишува стратегијата за проширување на човечкото присуство на Месечината, почнувајќи од луксузниот хотел и проширувајќи се на пошироко население.
„Опседнат сум со вселената уште од детството. Секогаш сакав да станам астронаут и се чувствувам исклучително среќен што ја работам работата на мојот живот“, порача Чен.