Екстремно ниските температури долго време важеа за најголем предизвик за електричните автомобили, додека дизелашите традиционално се сметаа за посигурен избор во такви услови.
Сепак, истражување на научници од Универзитетот на Алјаска покажува дека реалноста може да биде поинаква.
Студијата го анализирала однесувањето на електричните и дизел возилата во арктички услови, во оддалечени заедници како Коцебју, Галена и Бетел, каде што во зима температурите паѓаат и до -40 степени, а инфраструктурата е ограничена.
Наместо да се фокусираат само на автономијата, истражувачите ги набљудувале вкупните оперативни трошоци.

Резултатите покажаа дека електричните возила, и покрај губењето на капацитетот на батеријата и побавното полнење, во повеќето случаи имаат пониски вкупни трошоци. Во дури 17 од 21 анализирано сценарио, електричните автомобили биле поисплатливи од дизелашите.
Предноста на дизелот е забележана само во четири случаи, главно таму каде што цената на електричната енергија била висока.
Интересно е што ниту едно електрично возило не откажало поради студ. Сите останале употребливи, додека дизел моделите имале дополнителни проблеми со ладните стартови, грејачите на моторот, поскапото зимско гориво и зголемените трошоци за одржување.
Студијата заклучува дека, колку што температурите се пониски и возилата се повеќе во употреба, толку предноста на електричните автомобили е поизразена.

Кратките возења се покажале како неефикасни и за електричните и за класичните автомобили, бидејќи греењето на кабината троши значителна количина енергија во двата случаи.
Електричните автомобили паркирани во загреани простории покажале значително подобра ефикасност, додека оние оставени надвор бележеле пад на ефикасноста и до 69 проценти – но без дефекти, дури и во екстремни зимски услови.