Во Јапонија е отворен бар за луѓе кои размислуваат да си дадат отказ: Пијалоците и советите се бесплатни

Точка

02/02/2026

21:46

379

Големина на фонт

а а а

Во Јапонија е отворен необичен бар каде посетителите добиваат бесплатни пијалаци и професионални совети за кариера, наменет за луѓе кои размислуваат да дадат отказ.

Во Јапонија започна со работа бар со несекојдневен концепт: секој што ќе влезе и ќе признае дека размислува да даде отказ од работа, добива бесплатен пијалак и совет за кариера. Идејата доаѓа во период кога сè повеќе млади, но и искусни работници во Јапонија се соочуваат со професионално прегорување, несигурни услови и потреба од промена.

Името на ова необично место е „Tenshoku Sodan Bar“ (転職相談Bar), што во превод значи „Бар за консултации за промена на работа“. Тука пијалаците се служат бесплатно, а главната тема на разговор се кариерата, дилемите и професионалните насоки. Зад шанкот не стојат класични бармени, туку советници од кадровската агенција LIA, пишува „Japan Today“.


Кариерни советници и пијалак

Зошто тогаш едноставно да не се закаже состанок во канцеларијата на таа агенција? Затоа што овој бар нема амбиција да биде класична агенција за вработување со алкохол во понудата. Нивната идеја е да создадат простор за разговори кои не припаѓаат ниту на формалните интервјуа, ниту на неформалните муабети со пријателите.

Меѓу речениците „Ја сакам својата работа и сакам да останам засекогаш“ и „Ја мразам работата и сакам веднаш да дадам отказ“ постои цел еден спектар на чувства. Токму тука настанува проблемот. Луѓето кои се некаде помеѓу често немаат кому да му се обратат за објективен совет. Семејството и пријателите се емотивно вклучени. Од друга страна, одењето во агенција за вработување подразбира CV, јасно дефинирани цели, очекувана плата и формално деловно однесување.

Искрено, тоа се премногу обврски ако сè уште не сте подготвени да дадете отказ.

„Tenshoku Sodan Bar“ сака да понуди алтернатива. Место каде што можете опуштено и без притисок да разговарате со експерт за кариера. Тука не се подразбира дека веќе сте донеле одлука за промена на работа. Напротив, околу 60 проценти од посетителите велат дека сè уште не се подготвени за тој чекор.

Разговорите се водат во приватни простории, еден на еден, со цел да се зачува дискрецијата. Нема потреба да носите CV, да облечете одело или да правите список на свои маани и доблести. Атмосферата е разговорна, а не советодавна во класична смисла. Идејата е да можете да кажете: „Не ја мразам својата работа, но не сум сигурен дали тоа е место на кое сакам да останам на долг рок.“

Проектот веднаш привлече внимание на јавноста, бидејќи директно ја допира чувствителната тема на работната култура во земјата.


Барот функционира како комбинација од неформално место за дружење и советувалиште. Посетителите, покрај пијалак, можат да разговараат со луѓе кои имаат искуство во човечки ресурси, кариерно советување или претприемништво. Разговорите се неформални, без притисок и без обврска за донесување одлука.

Како што напишавме погоре, целта не е да се охрабри импулсивно напуштање на работа, туку да се понуди простор каде луѓето можат отворено да зборуваат за незадоволството, дилемите и следните чекори.

Јапонија е позната по својата интензивна работна култура, долги работни часови и силна лојалност кон компанијата. Во таков систем, размислувањето за отказ често се доживува како личен неуспех или предавство, што кај многумина создава дополнителен психолошки товар.

Во последните години, сепак, сè почесто се зборува за менталното здравје, рамнотежата меѓу приватниот и професионалниот живот и правото на промена на кариерата.


Барот нуди нешто што недостига во класичните кариерни советувалишта – опуштена атмосфера без формалности. Наместо канцеларии и интервјуа, разговорите се водат со пијалак во рака, што им помага на луѓето полесно да ги артикулираат своите стравови и желби.

Иницијаторите велат дека токму таквата атмосфера ги охрабрува посетителите да размислуваат трезвено и информирано, наместо под притисок.

Поради индивидуалниот пристап, доаѓањето е можно исклучиво со резервација, која се закажува преку апликацијата „Line“. Разговорите траат од 60 до 90 минути, но нема строго дефинирано временско ограничување. Она што дополнително изненадува е фактот дека и пијалаците и консултациите се целосно бесплатни.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk