Казни колку викенд-аранжман: На познатиот италијански остров важат нови строги правила, прочитајте ги пред да го посетите

Точка

13/02/2026

14:15

542

Големина на фонт

а а а

Доколку планирате да летувате во Италија, едно правило на островот Капри би можело скапо да ве чини.

Властите уште во 2019 година забраниле употреба на еднократна пластика, а казните за оние кои ќе го прекршат тоа правило одат и до 500 евра. Туристите најчесто се на удар затоа што често не ги знаат правилата.

Капри, гламурозниот остров во Тиренско море недалеку од Наполи, годишно го посетуваат околу 1,7 милиони туристи. Токму поради огромниот притисок на масовниот туризам, локалните власти вовеле строги мерки за заштита на животната средина.


Забраната опфаќа: пластични шишиња за вода, ќеси, чаши, сламки, еднократен прибор за јадење, пластични лажички за кафе...

Ова правило се применува и во баровите, рестораните и продавниците, но проблемот најчесто настанува кај еднодневните туристи кои со траект доаѓаат од Наполи со пластични шишиња во ранците.


Казна до 500 евра: Туристите најчесто несвесно го кршат законот

Според важечките правила, секој којшто користи или ќе внесе еднократно пластично шише, може да биде казнет до 500 евра. Локалните функционери истакнуваат дека мерката не е воведена за да се казнуваат туристите туку за да се намали количината отпад на островот со ограничени ресурси.

Експертите предупредуваат дека многу од посетителите не се свесни за правилата, а контролите се особено зголемени во текот на летната сезона.


Што треба да направат туристите за да ја избегнат казната?

✔️ Да користат повеќекратни шишиња за вода;
✔️ Да носат метални или стаклени шишиња;
✔️ Да избегнуваат еднократна амбалажа;
✔️ Да ги проверат локалните правила пред да одат таму.


Островот Капри е познат по луксузот и познатите личности, а во последниве години сѐ повеќе се обидува да ги контролира последиците од масовниот туризам. Еколошките мерки стануваат дел од стратегијата за чување на природната убавина која го направи светски позната дестинација.

Доколку планирате еднодневен излет од Наполи, добро проверете ја содржината на вашата чанта – едно пластично шише може да ве чини колку викенд-аранжман.