Виенската државна опера еднаш годишно се претвора во најпознатата балска сала на планетата. Познатиот Оперски бал, симбол на австриската елеганција, традиција и култура, и синоќа привлече големо внимание, а меѓу угледните гости беа многу влијателни личности на денешницата, холивудски ѕвезди и, секако, највисоката аристократија.
Меѓу нив се најдоа и убавите дами од Лондон, Амелија и Елиза Спенсер, внуки на принцезата Дајана.

Валцери, кристали, високо друштво… Или едноставно – Виена. На традиционалниот Оперски бал, кој во австриската престолнина се одржа по 68-ми пат, танцуваа и некои познати имиња, „дополнителни украси“ на овој гала настан. Беа присутни „дадилката“ Френ Дрешер, Шерон Стоун во креација на Валентино, која претставува моден омаж на Густав Климт, но и две убавици од Британија, Елиза и Амелија Спенсер.
Секоја на свој начин или во дуо, како и да е, внуките на принцезата Дајана беа неодоливи како нивната славна тетка. Секогаш синхронизирани, славните близначки синоќа се појавија во различни креации.

Освен елегантните фризури и фактот дека и двете одбрале фустани со откриени рамена, оставајќи без зборови и здив секој кој ги погледнал, никаков друг детаљ не бил ист. Лејди Елиза се одлучила за тоалета во прекрасна боја на старо злато и бели ракавици, додека нејзината сестра, лејди Амелија, блескала во сребрен фустан, а стајлингот го комплетирале црните ракавици.
„Виенскиот Оперски бал – чиста магија!“, напишаа на Инстаграм покрај снимка од свечената ложа, од каде ги следеле случувањата на подиумот.

Убавите ќерки на ерл Чарлс Спенсер често ги потсетуваат луѓето на Лејди Ди. „Таа секогаш нѝ беше пример, не само поради автентичниот стил, туку и поради силата и љубезноста кои не ги поседува секој“, изјавиле тие еднаш.
А Дајана, без сомнение, би била горда и на внуките и на нивните секогаш инспиративни и елегантни модни изданија. Познатиот бал во Виена беше идеална прилика близначките уште еднаш да покажат дека се, во тој поглед, нејзини достојни наследнички.











