Плакнењето на грлото со вода со прстофат сол веќе долго време се користи како домашен лек за болка во грлото и помали тегоби, но на социјалните мрежи се популаризира пиењето на овој напиток како утрински „буст“.
Се тврди дека може да ја подобри хидратацијата и да ја зголеми енергијата, а иако на некои луѓе може да им даде одредени придобивки, експертите предупредуваат дека на поголем број луѓе всушност не им е потребен.
Во теорија, овој напиток може да го зголеми нивото на натриум во крвта, да задржи повеќе вода во крвотокот и да помогне во одржување соодветен волумен на крвта. Солта е електролит што на телото му е потребен за основни функции, а природно го губиме со потење, мокрење и плакнење.
Кога натриумот – главната состојка на солта ќе се зголеми во крвта, повеќе вода останува во крвотокот отколку без додадена сол. Тоа е важно бидејќи доволен волумен на крвта овозможува правилен пренос на кислород, хранливи материи, отпадни материи, хормони и имунолошки клетки низ телото.

Но, тоа не значи дека секој треба да почне да пие солена вода наутро. „Повеќето од нас веќе внесуваме премногу натриум во исхраната, па затоа навистина не треба да додаваме уште повеќе сол“, истакнала диететичарката Роксана Ехсани за „Health“, и додала: „Просечниот човек не треба да додава сол во водата за пиење“.
Прекумерниот внес на сол е поврзан со висок крвен притисок, што може да доведе до срцеви проблеми како срцев удар и мозочен удар. Сепак, неврологот Блез Абрамовиц истакнал дека одредени групи можат да имаат корист, како што се луѓето кои брзо губат вода и натриум поради честа дијареја, грип, пневмонија или инфекции на уринарниот тракт, како и професионални спортисти или оние кои многу се потат поради топлина и влажност.
Прстофат сол е околу 145 милиграми, што е „,многу мало количество“, рекол Абрамовиц, но сепак нагласил дека дури и толку мало количество сол во вода „генерално е несоодветно и непотребно“.

Абрамовиц советува овој тренд да го избегнуваат лица со бубрежни болести, болести на црн дроб, висок крвен притисок и други срцеви проблеми како срцева слабост. Исто така напитокот е лоша идеја за лицата со дијабетес тип 2 или за оние кои внимаваат на внесот на сол.