На денешен ден во 1964 година светот доживеа шок кој го надмина дури и неверојатниот триумф на младиот боксер над дотогаш непобедливиот Сони Листон, со кој стана светски шампион во тешка категорија.
Касиус Клеј (22), како што тогаш се викал, објави дека преминува во ислам и го менува своето име во Мухамед Али, со што започна нова ера не само во својата кариера, туку и во светската спортско-културна историја.

Али својот прв контакт со исламот го имал уште во 1959 година, кога слушнал радиоемисија во која Елајџа Мухамед, верски лидер, борец за правата на Афроамериканците и член на организацијата „Нација на исламот“, зборувал за доблестите на исламската религија. Првата посета на џамија Али ја остварил во март 1961 година, кога Сем Саксон, продавач на весникот „Muhammad Speaks“, го поканил на едно собирање.
Влијанието на Елајџа Мухамед и Малколм Икс
Во текот на следните три години Али го поминувал времето учејќи за верата, тајно присуствувајќи на состаноци и дружејќи се со клучни членови на „Нацијата на исламот“, како Малколм Икс и Елајџа Мухамед, кои покрај верското учење се бореле против расизмот и империјалистичките војни и станале политички ментори на Али.

Откако го шокирал светот со победата над Листон, Али објавил дека преминува во ислам. На почетокот го користел името Касиус Икс, а неколку дена подоцна, на 6-ти март, го открил своето ново име – Мухамед Али, кое му го дал Елајџа Мухамед.
Новинарите и медиумите биле запрепастени кога Али изјавил дека повеќе нема да се одзива на името Касиус Клеј. Новинарот Роберт Липсајт тоа сликовито го опишал:
„… тие луѓе [новинарите] се соочија со светскиот шампион во тешка категорија кој им рече: Не морам да бидам она што вие сакате да бидам. Слободен сум да бидам јас“.

Стана симбол
Дваесет и шест години подоцна Али ја објаснил важноста на промената на името:
„Промената на моето име беше една од најважните работи што ми се случија во животот. Ме ослободи од идентитетот што на моето семејство му го дал робовладетел… Тоа е сè што направив. Луѓето постојано ги менуваат своите имиња и никој не се жали“, објаснил легендарниот боксер.
Али нагласил дека бил почестен што Елајџа Мухамед му дал „навистина убавото име“. „Мухамед“ значи „оној што е достоен за пофалба“.

Влијанието на Мухамед Али се прошири далеку надвор од боксерскиот ринг. Тој стана симбол на отпорот, борбата за права на Афроамериканците и антивоеното движење.












