Овие правила биле воведени како одговор на брзото зголемување на бројот на возила и тесните градски улици. Резултатот од системот е помалку автомобили во градските центри и поголема употреба на јавниот превоз.
Во земја каде што просторот е луксуз, правилата на играта се јасни: ако сакате автомобил, мора да имате место за паркирање. Уште во 1960-тите, Јапонија воведе едно од најлогичните, но и најстрогите правила кога станува збор за автомобили, таканаречениот доказ за паркирање или „гаражен сертификат“.
Од 1962 година, благодарение на таканаречениот Закон за гаражи, секој иден сопственик на автомобил во Јапонија мора да добие потврда од локалната полиција дека има обезбедено паркинг место надвор од улицата. Овој документ, познат како „шако шомеишо“, е услов за регистрација на возило.

Важно е: не мора да поседувате паркинг место доволно е да го изнајмите. Ако живеете во зграда без гаража, едноставно треба да најдете слободно место во близина и да докажете дека имате право да го користите.
Она што го прави овој систем особено ефикасен е второто правило што го следи: во Јапонија, паркирањето на улицата ноќе е забрането. Со други зборови, дури и ако сте се обиделе да го „заобиколите“ системот и да купите автомобил без вистински паркинг немате каде да го оставите.
Комбинацијата од овие две мерки практично го елиминира хаосот на улиците. Автомобилите не ги полнат тротоарите, не го блокираат сообраќајот и не ги претвораат населбите во импровизирани паркинзи.
Кон крајот на 1950-тите и почетокот на 1960-тите, со брзиот раст на бројот на автомобили, тесните улици во Јапонија почнале да се „задушуваат“. Наместо да ги прошируваат патиштата или да жртвуваат простор за пешаците, властите донеле одлука: одговорноста за паркирање се префрла на сопствениците на автомобили.
Оваа политика не била наменета да го ограничи поседувањето автомобил, но го стори тоа индиректно, особено во големите градови како Токио. Кога паркинг-местото може да чини стотици долари месечно, многу граѓани едноставно одлучуваат дека автомобилот не им е потребен.

Резултат?
Резултатот е помалку автомобили во урбаните јадра, поголема употреба на јавниот превоз, поорганизирани, пешачки улици.
Но, клучната лекција од Јапонија не е само правило туку комбинација од мерки. Без строга контрола и забрана за нелегално паркирање, „доказот за паркирање“ немаше да има ист ефект.
Во Јапонија, правилото е: прво паркирање, па потоа автомобилот.