[ВИДЕО/ФОТО] Ова место е прогласено за најубаво на светот и се наоѓа во Европа: „Вистинско чудо на природата, но и пејзаж со исклучителна убавина“

Точка

24/03/2026

20:24

836

Големина на фонт

а а а

Еден помалку познат планински венец на северот на Шпанија, порталот „Time Out“ го прогласи за најубаво место на планетата, притоа надминувајќи ги светски познатите Алпи, Андите и Хималаите.

Станува збор за Пикос де Европа, односно Врвовите на Европа, планински венец кој е дел од Кантабријското Горје и се протега низ Астурија, Кантабрија и Кастиља и Леон, на само дваесетина километри од морскиот брег. Неговиот највисок врв, Торе де Середо, достигнува 2650 метри надморска височина, а сега се најде на врвот на листата на најубави светски локации.


„Пикос де Европа е вистинско чудо на природата, но и пејзаж со исклучителна убавина. Планините стрмно се издигнуваат над морето, па од видиковците не се пружаат само погледи кон длабоки кањони и остри врвови, туку и кон блескави појаси од плажи и разбрануваното Кантабријско Море“, напиша уредникот на „Time Out“, Ед Канингам.

„Во рамките на националниот парк се наоѓаат и бројни други природни и културни знаменитости: впечатливо издвоениот врв Наранхо де Булнес, старите планински села Сотрес и Каин, блескавите леднички езера Ковадонга, како и истоименото светилиште и поклоничко место сместено во карпа над водопад“, додаде тој.


За посетителите кои ќе се упатат кон Пикос де Европа, Канингам ја препорачува популарната планинарска патека Рута дел Карес. Оваа патека долга 23 километри низ кањон, која минува покрај стрмни карпи и водопади, е една од најпознатите планинарски рути во тој регион.

Десетте најубави места во светот според „Time Out“

На првото место се наоѓа шпанскиот Пикос де Европа, а го следи Националниот парк Комодо во Индонезија. Третото место го зазеде библиотеката во „Morgan Library and Museum“ во Њујорк, додека на четвртото место е долината Дуро во Португалија.


Листата на десетте најубави места ја заокружуваат крајбрежното подрачје Биг Сур во Соединетите Американски Држави, езерото Улсвотер во Англија, стариот град на Болоња во Италија, ‘ртот Капо Теста на Сардинија, Викторините Водопади во Африка и долината Пунакха во Бутан.