Познатиот хрватски патник и travel-блогер Кристијан Иличиќ, првиот Хрват кој ги посетил сите 197 држави во светот, неодамна повторно престојувал во Авганистан со сопругата Андреа Трговчевиќ, а јавноста ја потресол со снимка од разговор со 17-годишна Авганистанка во женски тоалет.
Инфлуенсерот Кристијан Иличиќ во објавата напишал дека Авганистан го доживува како најтешко место за женско постоење.
„Овој разговор е снимен во женски тоалет. Андреа го снимила од грб додека нашата патничка разговарала со Авганистанка која има само 17 години. Таа веќе е омажена. Позади тоа е лице на судбина што не ја избрала сама. Јас прикажувам сè што ќе снимам. Така како што е. Без филтер. Без криење. Без прилагодување. За да видите она што јас го видов и доживеав. Важно е да се патува и да се прикажуваат сите страни. Бидејќи светот не е црно-бел и ако ги затвориме очите, ништо нема да се промени“, напишал Иличиќ во описот на видеото.
Во разговорот, девојката потврдила дека не смее да оди на училиште, иако пред доаѓањето на талибанците посетувала настава и дури научила англиски. „Тоа е страшно лошо. За сите луѓе. Мораме да одиме на училиште,“ рекла Авганистанката.
Истакнала дека школувањето е забрането за девојчиња, додека момчињата продолжуваат да одат на училиште. Додала дека најчесто останува дома, бидејќи веќе е во брак.
„Дали знаете дека некои девојки сè уште се тајно школуваат, скриени од очите на властите?“ прашал Иличиќ и додал дека Авганистан има многу образовани жени, но тоа во светот често се заборава.
„Можеме да бараме недостатоци во секоја снимка, но реалноста е јасна — вистинските жени во Авганистан речиси и да не постојат. Тинејџерките растат без избор, слобода и иднина. Мојата задача не е да создавам приказна, туку да пренесам она што го видов и доживеав,“ истакнал тој.
Опасни средби и рушење на предрасуди
Патникот признава дека доживеал и драматични моменти: „Талибанците репетираа калашников на Андреа, но се снајдовме. Кога патувате во конзервативни земји, морате да се прилагодите — жената мора да ја покрие косата и да се однесува според законите. Затоа им советувам на жените да не патуваат сами на такви патувања.“
Иличиќ е меѓу првите што го посетиле Авганистан откако талибанците во 2021 година повторно ја презеле власта. Снимал приказни што често остануваат надвор од медиумите, сакајќи да ги разбие стереотипите. Се присетил на фудбал со децата, на земјотрес со јачина од 6,1 што ја погодил земјата за време на неговиот престој, но и на необични средби со талибанците кои дури му позирале со оружје и го поканиле на чај.
Се присетил и на Халиме, жена уапсена поради обвиненија за прељуба без докази, која по ослободувањето го загубила работното место и била општествено осудена. „Бескрајно сум тажен поради неа… сакала да донесе слобода во Авганистан,“ рекол Иличиќ.
„Првото патување во Авганистан целосно ме промени. Медиумите создадоа слика за земјата како најопасно место на светот, а кога слетав во Кабул, почувствував само страв и возбуда. Но многу брзо видов колку таа слика е далеку од реалноста. Луѓето се неверојатно срдечни и добри, а западниот свет често ги прикажува како црно-бели ликови во филм — ние добри, тие лоши. Вистината е многу покомплексна. Авганистан има огромни природни убавини и прекрасни луѓе. Веќе сум бил три пати, а наскоро одам и четврти,“ изјавил тој за Dnevno.hr.















