За разлика од повеќето парфеми кои се познати по тоа што мирисаат гурмански, нежно или мистично, еден парфем стана познат по тоа што мириса – ужасно. Се работи за парфемот наречен „Inexcusable Evil“ од романскиот бренд „Тосковат“.
Брендот е основан од Давид-Лев Џипа-Сливински и е познат по мириси кои повеќе личат на концептуални приказни отколку на класични парфеми.
„Тосковат“ парфемите не се замислени само како убави мириси, туку како интензивни искуства кои можат да бидат непријатни, поетични, провокативни или интензивно лични. Токму поради тоа овој бренд се издвои на социјалните мрежи, а „Inexcusable Evil“ стана познат како мирис кој смрди толку многу што предизвикува мачнотија.
„Многу сакам да го пробам“
Горните ноти на парфемот се барут и озон, средните се крв, завои, јод, изгорени цвеќиња, гвајаково дрво, масло од копаиба, нагармота, а основните ноти се бетон, дожд, темјан и сандалово дрво.
Во видео по видео, луѓето прават гримаси и испуштаат звуци што наликуваат на повраќање.
„Треба да знам зошто смрди така“, „Навистина сакам да го пробам“, „Моето его мисли дека можам да го поднесам“, „Тоа не е парфем за носење, туку уметност“, „Го носам во кревет кога сакам да мириса на влажен цемент“, гласат коментарите под видеата.
„Престанете да претерувате“
Но некои сметаат дека реакциите се претерани. Еден тиктокер покажа како го нанел парфемот во повеќе слоеви, наместо да го мирисне. „Престанете да претерувате како бебиња“, напишал тој во описот на видеото. Друга тиктокерка го опишала мирисот како пријатен.
„Мислам дека луѓето претеруваат за да имаат повеќе прегледи“, „Може да се носи и дефинитивно претеруваат“, „И мене ми се допаѓа, сакам невообичаени ноти“, „Го помирисав еднаш и беше предобар“, коментирале дел од истомислениците.
Без оглед на тоа дали мирисот е навистина толку неподнослив или се работи за претерување овој парфем предизвика огромен интерес. И покрај високата цена од 275 евра, овој мирис, како и другите мириси во асортиманот е распродаден. Имено, „Тосковат“ ги лансира своите парфеми во помали колекции и ги обновува на секои неколку месеци. Според информациите на Инстаграм, следното обновување на колекциите нема да има до јуни.

„Inexcusable Evil“ не е единствениот необичен мирис што се нуди. „Born Screaming“ содржи ноти на енергетски пијалак, ДВД кутија, латекс, денс клуб и бисерна огрлица, „Pornstar“ содржи ноти на мраз, гума за џвакање, амарилис и лотос, а „Anarchist A_“ содржи ноти на кредитни картички, виски, мастило, света вода и пластична кеса.














