Вештачката интелигенција ја брише потребата од пензија – Маск тврди дека парите наскоро целосно ќе ја изгубат смислата

Супермен

28/04/2026

17:40

576

Големина на фонт

а а а

Најбогатиот човек на светот, Илон Маск, смета дека е бесмислено да се штеди за пензионерските денови бидејќи, како што тврди, со развојот на вештачката интелигенција ќе настане изобилство.

Извршниот директор на компаниите „Tesla“ и „SpaceX“ е голем оптимист кога станува збор за вештачката интелигенција. Тој не смета дека луѓето треба да се оптоваруваат со создавање заштеди за далечната иднина, што е спротивно на советите на многу финансиски експерти.

„Не грижете се за оставање пари на страна за пензија за 10 или 20 години. Тоа нема да биде важно“, изјави Маск во подкастот „Moonshots with Peter Diamandis“.

Ваквиот негов контроверзен став произлегува од визијата за свет трансформиран со брзиот напредок на вештачката интелигенција, роботиката и енергетиката. Маск очекува дека вештачката интелигенција до 2030 година ќе ја надмине интелигенцијата на сите луѓе заедно. Тој исто така верува дека на Земјата ќе има повеќе хуманоидни роботи отколку луѓе. Убеден е дека вештачката интелигенција ќе ги замени луѓето во традиционалните работни места, пред сè во канцелариските и интелектуалните занимања.


„Сè освен физичкото обликување на атоми, вештачката интелигенција веројатно уште сега може да го прави – половина или повеќе од половина од работите. Таквиот напредок би можел да доведе до толку големо зголемување на продуктивноста што ќе го надмине она што луѓето воопшто можат да го замислат како изобилство“, оцени Маск.

Според него, наместо универзален доход, сите ќе имаат своевиден универзален доход од типот „можеш да имаш што и да посакаш“. Во тој контекст смета дека платата, штедењето и животниот стандард повеќе нема да имаат исто значење како денес.

Тој истакна дека благодарение на вештачката интелигенција, во следните пет години луѓе без заштеди би можеле да имаат здравствена нега подобра од онаа што моментално е достапна. Исто така смета дека би можеле да исчезнат ограничувањата во достапноста на стоки, услуги и образование.

Ставовите на Маск се надоврзуваат на неговите претходни проценки дека вештачката интелигенција и хуманоидните роботи во следните 10 до 20 години ќе се користат за извршување на поголемиот дел од работите, поради што верува дека парите би можеле да станат неважни.


Работата во такви околности, како што вели, би станала прашање на личен избор и слободно време, слично на денешното занимавање со спорт или играње видео-игри. Со други зборови, работата повеќе не би била егзистенцијална потреба.

„Ако сакате да работите, тоа е исто како кога можете да одите во продавница и едноставно да купите зеленчук или да го одгледувате во сопствената градина. Многу е потешко да се одгледува зеленчук во сопствена градина, но некои луѓе и понатаму го прават тоа затоа што уживаат во тоа“, рече Маск на Американско-саудискиот инвестициски форум.

Сепак, тој е свесен и за потенцијално негативните последици од општество во кое луѓето не мора да заработуваат за живот. Како што предупреди, таквата реалност би можела да доведе до длабока криза на смислата, пренесува бизнис порталот „Fortune“.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk