Кражбите на катализатори се сè поголем проблем за сопствениците на автомобили во последниве години, а постарите возила со бензински мотори се особено изложени на ризик.
Експертите од германскиот автомобилски клуб „ADAC“ повторно ги предупредуваат возачите за овој облик на криминал што може да предизвика значителни финансиски трошоци и привремено да го онеспособи возилото за сообраќај.
Главната причина за кражба лежи во вредните благородни метали што ги содржат катализаторите. Станува збор првенствено за платина, паладиум и родиум, метали што се користат за намалување на штетните емисии на издувни гасови.

Родиумот е особено баран, чија цена на пазарот достигнува околу 150.000 евра за килограм. Токму поради неговата висока вредност, криминалците сè повеќе ги таргетираат возилата каде што катализаторот може брзо и лесно да се отстрани.
Според податоците на „ADAC“, постарите автомобили се најлесните цели бидејќи нивните катализатори често се наоѓаат под подот на возилото и се лесно достапни.
Меѓу моделите што се издвојуваат по фреквенцијата на кражба се:
⚡„VW Polo III“ (1994–2001);
⚡„Opel Astra G“ (1998–2005);
⚡„Toyota Prius III“ (2009–2016);
⚡„Mitsubishi Carisma“ (1995–2004);
⚡„Mitsubishi Space Wagon“ (1998–2002);
⚡„Seat Arosa“;
⚡„VW Lupo“;
⚡„Honda Jazz“;
Кај посовремените автомобили, катализаторот генерално се инсталира поблиску до моторот, што значително го отежнува неговото отстранување и го намалува ризикот од кражба.
Најбезбедната заштита е сепак паркирањето во затворена и заклучена гаража. Доколку тоа не е можно, експертите препорачуваат возилото да се остави на добро осветлени и прометни места, каде што крадците имаат помала веројатност да дејствуваат незабележано.
Дополнителна безбедност може да се обезбеди со алармни системи опремени со сензори за навалување или вибрации. Понапредните системи можат веднаш да го известат сопственикот преку мобилна апликација или паметен телефон. Сепак, инсталацијата на вакви системи кај постари возила честопати бара дополнителни инвестиции и може да биде технички тешка.
Во случај на кражба на катализаторот, возилото повеќе не ги исполнува законските услови за учество во сообраќајот. Покрај тоа, автомобилот станува значително побучен поради директното излегување на издувните гасови.

Најчесто, потребно е да се организира транспортот на возилото до сервисот со помош на приколка или услуга за влечење, а трошоците за поправка и инсталација на нов катализатор честопати надминуваат 1.000 евра.
Добрата вест за сопствениците кои имаат делумно сеопфатно осигурување (Teilkasko) е дека, по правило, тоа покрива штета предизвикана од кражба на катализаторот. Истото важи и за возачите кои имаат целосно сеопфатно осигурување.
Од друга страна, сопствениците на возила кои имаат само задолжително осигурување од автоодговорност ќе мора сами да ги сносат трошоците за купување и инсталирање на нов катализатор.
Затоа, експертите им советуваат на возачите на постари бензински автомобили да обрнат посебно внимание на паркинг местото и да размислат за дополнителни мерки за заштита за да го намалат ризикот од непријатна и скапа кражба.