Џорџо Кјелини како директор на Јувентус потврди дека преговорите со Душан Влаховиќ пропаднале во вода поради високите финансиски барања на Србинот, а сега угледниот „Тутоспорт“ открива дел од деталите и главното прашање кое го поставил најплатениот играч во првиот тим.
Влаховиќ пристигна во Јувентус како голема ѕвезда од Фиорентина во 2022-ра година и имаше ексклузивно право да биде единствениот играч во Серија А кој заработува над 20 милиони евра по сезона (поточно 22 милиони), но поради фактот што не ги исполни големите очекувања, клубот му понудил речиси двојно помалку.
Јувентус понудил 12 милиони евра по сезона и значително помали бонуси во новиот договор, по што Влаховиќ и неговите претставници многу брзо го одбиле тоа што го виделе на маса.
Како што открива „Тутоспорт“, српскиот напаѓач останал шокиран од понудата и не се штедел пред директорите на Јувентус, на кои им го поставил и следното прашање:
– Зарем ќе бидам платен како Џонатан Дејвид?
Оваа вест на угледниот весник од Торино само ја потврдува теоријата на директорот Џорџо Кјелини, кој претходно посочи дека ниту еден клуб од Серија А нема да може да си ги дозволи финансиските барања кои ги има замислено Србинот.
Како слободен агент, Влаховиќ лесно ќе може да направи трансфер надвор од Италија, а во прв момент се споменуваат Баерн, Челси и Атлетико како клубови кои се заинтересирани за неговиот потпис.







