[ВИДЕО] Неверојатна километража: Германец поминал 2.400 километри со еден резервоар во стар „Passat B5 1.9 TDI“

Точка

10/06/2026

18:00

634

Големина на фонт

а а а

Дизел моторите денес во Европа речиси станаа „непосакувани“, а за нив често се зборува како за реликт од минатото. Сепак, токму тие со децении беа популарни поради својата практичност и ефикасност.

Неодамна, еден Германец решил да потсети на неверојатната економичност на постарите дизел мотори и се обидел да помине 2.400 километри со еден полн резервоар во „Volkswagen Passat B5 1.9 TDI“ од 1998 година.

Неговата цел била да го надмине сопствениот рекорд од претходната година, кога со еден резервоар поминал 1.913 километри. Тогаш сакал да стигне до 2.000 километри, но не успеал, па овој пат решил да оди уште подалеку.

Патувањето го испланирал од Хилдесхајм во централна Германија до местото Јуоксенги во Шведска, во близина на Арктичкиот Круг, оддалечено околу 2.359 километри.

За да постигне таков дострел, морал да ја намали потрошувачката на околу 3,0 литри на 100 километри. Затоа автомобилот максимално го „олеснил“: ги отстранил кровните носачи и сите непотребни работи од кабината. Го заменил филтерот за гориво, вградил ЛЕД светла за помала потрошувачка на електрична енергија, а дури го отстранил и ПК-ременот, со што биле исклучени климатизацијата и серво-управувањето.


Користел и адитиви во горивото, моторно масло со ниска вискозност (0W-30), „еко“ гуми со помал отпор при тркалање, аеродинамични капаци на тркалата и ги напумпал гумите на дури 4,0 бари за дополнително намалување на отпорот.

На почетокот во резервоарот, чиј капацитет е 62 литри, собирале околу 53 литри, но со разни „трикови“ и дополнувања, успеал вкупно да внесе околу 67 литри гориво. Возењето било внимателно испланирано, со брзина од околу 80 километри на час, а често возел и во заветрина зад камиони за да го намали отпорот на воздухот.


Резултатите биле импресивни: по 345 километри стрелката на мерачот за гориво едвај се поместила, а по 1.000 километри сè уште била над половина. Во еден момент дури и спиел во автомобилот за да може патувањето да го продолжи без прекин.

На крајот поминал 2.398 километри, само два километри помалку од целта од 2.400 километри, со просечна потрошувачка под 3,0 литри на 100 километри.


Со тоа го надминал и претходниот рекорд на британски возачи од 2.463 километри, поставен во 2010 година со „Passat B6“ на релација меѓу Англија и Франција, но не и рекордот на хрватските новинари од АМС, кои во 2011 година со „Passat B7 1.6 TDI“ поминале 2.545 километри во еден здив.

Сепак, треба да се има предвид дека Германецот возел речиси 30 години стар „Passat“.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk