[ВИДЕО] Колку се штедливи хибридите: „Renault Clio“ поминал повеќе од 1.100 километри со еден резервоар гориво

Супермен

24/07/2026

20:41

430

Големина на фонт

а а а

Тестовите за автономија на електричните автомобили денес се вообичаена појава, но колку далеку може да стигне еден современ целосен хибрид без дополнување гориво? Токму на тоа прашање сакаше да одговори „Renault“, кој заедно со двајца познати германски автомобилски јутјубери организираше интересен предизвик.

Бернд Конрад и Александер Шефер добија идентични примероци од моделот „Renault Clio Full Hybrid E-Tech 160“ со резервоар со зафатнина од 39 литри.

Нивната задача била едноставна – со еден резервоар да поминат најмалку 1.000 километри во реални услови на возење.

„Clio Full Hybrid E-Tech 160“ развива 158 коњски сили, опремен е со автоматски менувач, а според фабричките податоци просечната потрошувачка изнесува 3,9 л/100 км според циклусот WLTP.

Бернд Конрад тргнал од Келн кон италијанското езеро Гарда, возејќи по автопати, регионални патишта и преку алпски превои, додека Александер Шефер од Хајлброн патувал низ Франција, попатно посетувајќи неколку производствени погони на „Renault Group“.

За разлика од класичните „hypermiling“ предизвици, целта не била да се користат екстремни техники на економично возење. И двајцата возеле во согласност со текот на сообраќајот, без да ги попречуваат другите учесници. На автопатите главно одржувале брзина од околу 100 км/ч, додека на останатите делници ги почитувале пропишаните ограничувања.

Резултатите ги надминаа очекувањата. Бернд Конрад со еден резервоар поминал 1.112 километри со просечна потрошувачка од само 3,59 л/100 км, додека Александер Шефер го завршил возењето по 1.101 километар со речиси идентична просечна потрошувачка од 3,64 л/100 км.


„Renault“ истакнува дека ваквите резултати се постигнати благодарение на ефикасниот целосен хибриден погон, кој при градско и приградско возење често го користи електричниот мотор, додека батеријата се полни со регенеративно сопирање. За тоа придонел и умерениот стил на возење со рамномерно темпо.

Овој тест покажува дека за повеќе од 1.000 километри автономија не е неопходно да се избере дизел-автомобил. Современите стандардни хибриди, со разумен начин на возење, можат да понудат исклучително мала потрошувачка и досег што до неодамна беше резервиран речиси исклучиво за дизелашите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk