Португалската суперѕвезда Кристијано Роналдо откри дека неговиот син Матео гледа видеоснимки од Килијан Мбапе и му вели дека Французинот е подобар од него.
Тој го откри тоа во едно интервју, по што Роналдо му рекол дека сепак тој постигнал повеќе голови, а потоа го потсетил дека Мбапе промашил пенал на еден од натпреварите.
„Мојот син Матео гледа видеоснимки на Јутјуб од Мбапе, Белингем и Камавинга и ми вели дека Мбапе е подобар од мене. Јас му одговарам дека сепак сум постигнал повеќе голови, по што го потсетувам дека Мбапе промаши пенал, а тој ми одговара: „И ти промаши““, изјави Роналдо.
Потоа му даде совет на Кралскиот клуб, велејќи дека извонредниот Французин сепак не треба да игра на позицијата централен напаѓач.
„Не треба да игра како традиционален напаѓач“, рече Роналдо, нагласувајќи дека на Мбапе треба да му се дозволи да го користи просторот од левата страна, каде што може да ја искористи својата брзина.
Петкратниот освојувач на Златната топка додаде дека со задоволство би го споделил своето искуство со францускиот репрезентативец доколку му се укаже можност, напоменувајќи дека играњето на позицијата напаѓач бара специфични движења, поставување и носење одлуки, кои се развиваат низ многу години.
„Би го научил како да игра како напаѓач, бидејќи ни јас не сум роден како напаѓач. Ја научив таа позиција“, рече Роналдо, потсетувајќи како од крилен играч се развил во еден од најплодните стрелци во историјата на фудбалот.

Тој, исто така, го повика Реал Мадрид да го заштити Мбапе така што ќе му дозволи природно да се развива, наместо од него да се очекува да го замени секој аспект од неговата игра.
Роналдо тврдеше дека Мбапе и понатаму останува еден од најдобрите светски фудбалери и верува дека ќе продолжи да напредува во Реал Мадрид доколку се користи во улога што максимално ги истакнува неговите квалитети, наместо да биде принуден да се приспособува на традиционалната позиција централен напаѓач.
Освен за Реал Мадрид, Мбапе играше и за Монако и ПСЖ, од каде што и пристигна во Кралскиот клуб, а минатата сезона постигна 42 гола на 44 натпревари во сите натпреварувања, на што додаде и седум асистенции.
За репрезентацијата на Франција има постигнато 66 голови на 106 одиграни натпревари.











